/ Прочитано:

2.354

Дискусија за Архуската конвенција и заштитата на правата од областа на животната средина

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со Регионалниот центар за животна средина одржа работилница и дискусија на тема „Пристап до правда“. Работилницата обезбедува можност за судиите и правните експерти од Република Македонија да ги разберат подобро побарувањата за пристап до правда на Архуската конвенција, соодветните директиви на ЕУ и националното законодавство.

Архуската конвенција, како што посочуваат од Обединетите нации, е најамбициoзниот чекор во насока на демократизација на областа на животната средина и нејзината заштита во смисла на одговорност на властите и транспарентност во донесувањето одлуки.

Конвенцијата е донесена во 1998 година на четвртата министерска конференција под покровителство на ЕУ и Обединетите нации. Конференцијата била насловена „Животна средина за Европа“ и била  одржана во градот Архус во Данска.

Архуската конвенција ги регулира прашањата за пристапот на информациите, правото на јавноста да учествува во донесувањето на одлуките поврзани со животната средина и пристапот до правосудството во случај кога се повредени правата од областа на животната средина.

„Граѓаните имаат право на точни информации за активностите кои можат да имаат влијание врз животната средина, но имаат право да учествуваат во одлуките за животната средина. Граѓаните чиишто права од областа на животната средина се нарушени имаат право на судска заштита“, се вели во Конвенцијата.

Во контекст на пристапот до правдата и поставените цели во Конвенцијата, работилницата во Академијата е организирана и врз основа на соодветните студии на случај и прикажување на судски случаи, за да се илустрираат најпроблематичните прашања поврзани со пристап до правда кај проблемите со животната средина соодветни за секоја земја.

Во таа насока, на работилницата се говореше за побарувањата за пристап до правда во однос на прашањата за животна средина, имплементирање на одредбите на Архуската конвенција и улогата што ја имаат судиите.

Исто така,  стана збор и за пристапот до правда и за пристапот до информации, според Архуската конвенција и националното законодавство (чл. 9.1) и за решавање на примери од судската практика. Пристапот до правда за учество на јавноста во донесувањето одлуки според Архуската конвенција и националното законодавство, пристапот до правда во случај на спротивставеност со националниот закон за животна средина според Архуската конвенција и националното законодавство и решавањето примери од судската практика, исто така, беа тема на работилницата. Воедно, на работилницата се говореше и за идентификација на главните бариери за пристапот до правда.

М.В