/ Прочитано:

1.192

ДКСК: Jавна опомена до Донка Марковска поради извршување две функции

Вторник, 7 јули 2015 – Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмети од областа на судирот на интереси, констатира состојба на судир на интереси кај лицето Донка Марковска поради кумулација на функции, односно, именуваното лице, покрај функцијата член на Управен одбор на Јавното претпријатие за државни патишта, ја извршува и функцијата член на Надзорен одбор на АД ЕЛЕМ Скопје, соопштуваат оттаму.

„Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба, Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси се обрати лично до наведеното службено лице со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето доброволно да се откажи од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршува.

Донка Марковска не постапи по барањето на Државната комисија, поради што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука на ова лице да му изрече мерка јавна опомена.

Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање“, се вели во Јавната опомена.