/ Прочитано:

1.104

До 15 септември граѓаните што живеат во државни станови треба да решат: Откуп или нов договор за закуп на становите

Вторник, 19 август 2014 – Лицата кои живеат во станови доделени од државата врз основ на ниски приходи до 15 септември ќе мора да се произнесат дали ќе го продолжат договорот за закуп на становите или ќе ги откупат според новите поволности кои треба да ги донесе Владата на Република Македонија.

Граѓаните кои живеат во станови доделени од страна на државата до 15 септември, ќе мора да се изјаснат дали ќе го продолжат договорот за закуп на становите или ќе ги откупат според новите поволности кои треба да ги донесе Владата, изјави денеска директорот на  Државната агенција за станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.

„Од 851 стан, 759 корисници на овие станови немаат продолжено договори. Апелирам  до корисниците на овие станови во периодот што следи до 15 септември да се одлучат што понатаму ќе прават со овие станови. Сите граѓани што останале во ранливите категории и понатму се наоѓаат во категоријата со ниски примања ќе можат да го задржат станот и да плаќаат симболична кирија. Додека пак лицата што излегле од оваа категорија би требало доколку се определат за откуп на станот да го откупат доколку пак не се определат за откуп да склучат договор за користење на станот под закуп, за што ќе има одредена комерцијална цена“, истакна Грозданов.

Тој појасни дека комерцијалната цена ќе се определи во зависност од цената на кириите на пазарот во регионот каде што се наоѓа станот. Грозданов рече дека во периодот што следи, покрај опциите за откуп и закуп, на граѓаните од ранливите групи ќе им бидат понудени и други опции, на пример намалена каматна стапка, или ќе биде задржан бројот на ратите за исплата на станот кој изнесува 240.

Просечната цена на месечна закупнина пак на становите е од 1.500 до 2.000 денари.

 Цената за откуп на становите во Скопје се движи од 580 до 680 евра за квадратен метар, Битола 540 евра, Ресен 390 евра, Дебар 380 евра, Прилеп 380 евра, Кичево 340 евра. Цената на становите во Кочани изнесува 460 евра, Штип 380 евра, Велес 560 до 700 евра за квадратен метар, Тетово 530 евра, Гостивар 370 Струмица 480 евра, Гевгелија 430, Кратово 390 и во Крива Паланка 430 евра за квадратен метар.