/Прочитано:

521

Добрите мажи не треба да бидат тивки набљудувачи: дали заедничкиот извик ќе донесе крај на суровата привилегија на неказнетоста?

Колумна од заменичката-генерална секретарка при Обединетите нации и извршна директорка на Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, Фумзиле Мламбо-Нгчука (Phumzile Mlambo-Ngcuka)

Болката и гневот на повеќе од милион луѓе кои твитаа „#MeToo“ (и мене, исто така) во изминатава недела ги преполнија социјалните медиуми со лични приказни за сексуално вознемирување или напад. Овој виртуелен марш на солидарност ги потенцира, во исто време, итноста од изнаоѓање на заеднички глас и скриеното мерило за напад, за кое претходно се немаше запис. Кога жените се речиси невидливи, кога тие реално не се гледаат, се чини дека на луѓето не им е грижа што, всушност, се случува со нив.

Овој виртуелен извик е значаен затоа што им дава глас на дејствија кои се јавни, но кои се замолчени и неутрализирани со спогодби. Способноста да се вознемирува девојка или жена и да се помине без казна е сурова привилегија, а во многу случаи, норма. Она што сега го гледаме, како што жените се сплотуваат и заемно ги зајакнуваат ставовите и како што и мажите се вклучуваат за да оддадат признание на нивната улога, е потврда за праведноста од зборување во јавност. Гледаме сила во бројките кои доаѓаат од акумулираните индивидуални искуства кои, во најголем број, се необзнанети.

Како што расте толпата на оние што ги раскажуваат своите стории, гледаме како се насликува вистинскиот живот. Растечката критичка маса докажува колку е погрешно кога луѓето можат да дејствуваат без да бидат казнети во една култура на тишина.

Виртуелниот одек се придружува на другите колективни движења кои го изразуваат женскиот активизам: маршевите „ni una menos“ („ни една помалку“) во Латинска Америка за протест против насилството врз жените и особено врз помалку привилегираните; женските маршеви што се случија низ целиот свет на почетокот на оваа година за поддршка на женските права и другите слободи; и маршевите во Полска и Ирска за забраните за абортус.

Покривката на тишината, исто така, ги заштитуваше и извршителите на напади на ЛБГТ-заедницата и другите кои се многу ранливи од причини поврзани со етничка припадност, сиромаштија или возраст. Овие жени се најзасегнати, најневидливи и можат да добијат најмногу од колективната сила на гласовите кои градат влијание на средината и промена на културата. Да се потсетиме, Тарана Бурк, организаторка на заедницата која работеше со младите афроамерикански жени од Њујорк, беше таа која го осмисли „me too“ и нејзината пријателка Алисија Милано која го презеде терминот и кој стана катализатор за билиони кои беа досегнати од неговата порака.

Целосното и слободно учество на жените во општеството, во политиката и на работното место, е суштествено за женските гласови да бидат слушнати и нивните права да бидат почитувани. Колку што има повеќе жени кои работат високи репрезентативни улоги во јавниот и приватниот сектор, толку повеќе има можности за промена на културата на невидливост и неказнивост, каде што жените се плен на помоќните мажи. Сексуалната и другите форми на вознемирување на работа, дома и надвор од домот не се прифатливи и не смеат да бидат игнорирани.

Лежерната рамнодушност и навиката на луѓето да велат дека „ништо не е“ мора да запрат. Бројот на мажи што се придружија на кампањата е ветувачки, но е далеку од доволен (30 проценти во еден извештај). Веќе предолго време попустливото слепило е норма. Овде се работи за жени и мажи кои го менуваат својот одговор кон дејствија на сексуална агресија и кои дејствуваат во солидарност, за да го направат видливо и неприфатливо. Добрите мажи не треба да бидат тивки набљудувачи.

Треба да ги зајакнеме сите жени да зборуваат, да се почитуваат нивните права и тела и да се воспостават однесувања кои ќе бидат вкоренети како нормални според кои никој нема да биде изоставен од одговорност. Нема повеќе неказнивост.

Ги поздравуваме илјадниците жени кои се бореа против сите прекршувања на правата на жените и девојчињата и повикуваме на ново заложување во борбата да се стави крај на насилството врз жените.

 

(М.В)