Одобрение за градење на електронски начин (Е-одобрение за градење)

Лиценци и дозволи од областа на градежништвото

Поднесување на барање за добивање на одобрение за градење, доградба и надградба и издавање на одобрение за градење, доградба и надградба во електронска форма, се врши преку информациски систем кој е достапен преку интернет (https://www.gradezna-dozvola.mk/Account/Login?ReturnUrl=%2f).

Регистрација на барател

Барателот се регистрира самостојно на веб порталот на информацискиот систем е-одобрение за градење, по што на сопствената електронска пошта добива корисничко име и лозинка.

  • Барателот ги користи корисничкото име и лозинката при најава за пристап на информацискиот систем е-одобрение за градење.
  • Барателот не може да го менува корисничкото име, додека промена на лозинката се врши согласно со Законот за заштита на личните податоци.

Начин на доставување на документација, мислења, согласности и издавање на акти

Барањето со прилозите барателот го поднесува во електронска форма, потпишано со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-одобрение за градење.

Прилозите кон барањето се доставуваат во електронска форма, скенирани или потпишани со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-одобрение за градење.

Управните акти кои се донесуваат од надлежните органи во постапката за издавање на одобрение за градење, доградба и надградба се издаваат и доставуваат во електронска форма, скенирани или потпишани од овластено лице со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-одобрение за градење.

Мислењата или согласностите кои надлежните субјекти ги даваат согласно членот 59-в од Законот за градење, се доставуваат во електронска форма, скенирани или потпишани од овластено лице со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-одобрение за градење.

Размената на податоци помеѓу корисниците на информацискиот систем е-одобрение за градење се потврдува од страна на корисникот со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-одобрение за градење.

Секој документ од барателот, мислење или согласност од субјектите од членот 59-в од Законот за градење во врска со постапка за добивање на одобрение за градење, доградба и надградба, доставени во писмена форма нема да се сметаат за валидни и не се земаат во предвид од надлежниот орган.

Начин на доставување и одобрување на проектна документација

Проектната документација се доставува во електронска форма и во (PDF) и во (DWG) формат, во еден или повеќе електронски записи, потпишани со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач на начин утврден во Правилникот за содржината на проектите, означувањето на проектот, начинот на зверка на проектот од страна на одговорните лица и начинот на користење на електронските записи.

Идеен проект, архитектонско-урбанистички проект и проект за инфраструктура кои претходно се одобрени од надлежен орган се доставуваат преку информацискиот систем е-одобрение, во електронска форма скенирани или во (.PDF) и (.DWG) формат, во еден или повеќе електронски записи, потпишани со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач на начин утврден во Правилникот за содржината на проектите, означувањето на проектот, начинот на заверка на проектот од страна на одговорните лица и начинот на користење на електронските записи, со изјава од проектантот со која се потврдува дека проектот доставен преку информацискиот систем е-одобрение за градење е идентичен и соодветствува со претходно одобрениот проект и во која се наведуваат податоци за барањето за одобрување на проектите односно архивски број на барањето за одобрување на проектите и за заверката.

Проектната документација   која е доставена преку информацискиот систем е-одобрение се одобрува со потврда за заверка, која се потпишува од страна на службеното лице на надлежниот орган со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, според образецот на потврдата за заверка на основниот проект кој е даден во Прилог и е составен дел на овој правилник.

Евидентирање на управни акти во уписник и нивно доставување

Управните акти кои се донесуваат од страна на надлежните органи во постапката за добивање на одобрение за градење, доградба и надградба преку информацискиот систем е-одобрение за градење се евидентираат во уписник и се доставуваат до барателот и во писмена форма.

Известување на непосредни соседи

Преку информацискиот сиситем е-одобрение за градење од страна на Агенцијата за катастар на недвижности до надлежниот орган се доставуваат податоци (име и презиме, број на катастарска парцела, назив на катастарска општина и адреса) за непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението за градење.

Известувањето за издадено одобрение за градење, до непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението за градење, се доставува во писмена форма согласно Законот за општата управна постапка и истото се скенира и се прикачува во информацискиот систем е-одобрение за градење, од страна на службеното лице на надлежниот орган.

Клаузула за правосилност

Примерокот од одобрението за градење на кој е ставена клаузула за правосилност се скенира и прикачува во информацискиот систем е-одобрение за градење.

Засметување на рокови

По поднесеното барање за одобрение за градење роковите при размената на податоци започнуваат да течат од датумот и часот на успешно испратена електронска порака, регистрирани во информацискиот систем е-одобрение за градење.