Решение за категоризација на угостителски објекти

Лиценци и дозволи од областа на угостителството

Сите туристички и угостителски објекти за вршење на нивната дејност треба да бидат категоризирани.

  • Категоризацијата на угостителските објекти ја вршат комисии за категоризација на угостителските објекти  составени од 5 члена, кои имаат заменици.

Опис на постапка

  1. Решението за категоризација на угостителски објекти  се издава на барање на угостителот доставено до комисијата за категоризација.
  2. Барањето за издавање на Решение за категоризација на угостителски објекти се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
  3. Барањето се поднесува на образец кој содржи:
  • податоци од упис во трговскиот регистар;
  • фирма и адреса на угостителот;
  • вид, назив и седиште на угостителскиот објект;
  • услугите кои ќе бидат предмет на работење на угостителскиот објект;
  • известие – пријава за работа;
  • предлог на категорија на угостителскиот објект и
  • податоци и докази за раководителите и другите вработени.

Предвиден рок за постапката: За извршената категоризација комисиите донесуваат решенија во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.

  • Доколку комисиите не донесат решение за категоризација, односно не донесат решение за одбивање на барањето за категоризација во рок од 30 дена, подносителот на барањето има право во рок од 3 работни дена да поднесе барање до писарницата на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството и министерот за донесување на решение по поднесеното барање. Кон ова барање, подносителот на барањето поднесува и копија од Барањето за издавање на Решение за категоризација на угостителски објекти.

Угостителскиот објект не може да започне со работа пред да го добие решението во кое е определена категоријата на угостителскиот објект од страна на Комисијата за категоризација.

  • На влезот во секој угостителски објект мора да биде на видно место истакната пропишаната ознака на видот и категоријата на угостителскиот објект, при што при огласувањето и рекламирањето на своите услуги угостителот мора да ја употребува само оваа ознака на видот и категоријата на објектот.

Решението за утврдување на категоријата на угостителскиот објект се издава со важност од 3 години.

  • Доколку се извршат промени во пропишаните стандарди за категоријата на угостителскиот објект утврдена за уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите, угостителот е должен да поднесе барање за нова категоризација во рок од 8 дена од денот на промената на пропишаните стандарди (услови) за категоријата на угостителскиот објект.

Потребни документи

  • Барање за издавање на Решение за категоризација на угостителски објекти;
  • Решение за упис во трговскиот регистар (Централен регистар на РМ) со ДРД образец;
  • Пријава за работа (Фотокопија од Пријвата за исполнети минимално – технички услови за работа на угостителскиот објект и започнувањето со работа која е доставена да Државниот пазарен инспекторат);
  • Податоци и докази за раководителите и другите вработени (сведетелство и сертификат/ уверение за познавање на странски јазик);
  • Трошоци за категоризација на угостителскиот објект и
  • Уплата на административна такса за издадено решение во висина од 250, 00 денари.