Годишен данок на вкупен приход

Данок на добивка

Поедноставен даночен режим за трговски друштва

Трговските друштва класифицирани како мали и микротрговци и правните лица резиденти на Република Македонија кои водат сметководство и изготвуваат годишни сметки согласно Законот за трговските друштва и кои според природата и обемот на дејноста се сметаат за трговци, согласно со условите утврдени во членот 38-в од Закон за данокот на добивка, плаќаат годишен данок на вкупен приход.

Трговските друштва пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход под услов:

  • да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри и
  • вкупниот приход остварен во последните три години вклучувајќи ја и годината за која се утврдува од кој било извор да не надминува износ од 3.000.000 денари на годишно ниво.

Основа за годишен данок на вкупен приход

Годишниот данок на вкупен приход се пресметува врз основа на остварениот вкупен приход по сите основи (приходи од вршење на основната дејност, приходи од други активности и вонредни приходи), во годината за која данокот се утврдува.

Стапка по која се пресметува и плаќа годишниот данок на вкупен приход

Данокот на вкупен приход се пресметува во висина од 1% од износот на остварениот вкупен приход искажан во Билансот на успех во Годишната сметка за истата година.

Регистрирање на трговски друштва за годишен данок на вкупен приход

Опис на постапка

1. Трговските друштва кои ги исполнуваат условите за пресметување и плаќање на годишен данок на вкупен приход, обврзани се до даночната канцеларија,  според своето седиште да достават – Пријава за регистрација на трговско друштво за годишен данок на вкупен приход (образец “РДО-ВП“), најдоцна до крајот на месец февруари во годината што следи по годината за која што данокот на вкупен приход се утврдува.

  • Регистрираните трговски друштва за годишен данок на вкупен приход во деловната 2009 година за деловната 2008 година, доколку и понатаму припаѓаат кон овој режим на оданочување, немаат обврска да доставуваат образец “РДО-ВП“.
  • Регистрирањето на трговските друштва кои што во деловната 2009 година за првпат ги исполниле условите за пресметување и плаќање на годишен данок на вкупен приход, односно не оствариле поголем вкупен приход по сите основи од 3.000.000 денари на годишно ниво во деловните 2007, 2008 и во 2009 година, имаат обврска да достават образец “РДО-ВП“, заради нивно воведување во “поедноставениот даночен режим за трговски друштва“.

2. Регистрирањето го врши Управата за јавни приходи, врз основа на поднесената пријава и издавање на Решение за регистрација.

3. Врз основа на “Даночен биланс на вкупен приход - образец ДБ-ВП“ кој се доставува до УЈП заедно со пријавата за регистрација, Управата за јавни приходи, издава Решение со кое го утврдува износот на данокот на вкупен приход.

4. Решението се испраќа најдоцна до 30 јуни во годината што следи по годината за која данокот се утврдува.

5. Трговските друштва, се должни данокот да го платат во рок од 30 дена по добивањето на решението.

Постапка за бришење од регистарот

Трговските друштва се бришат од регистарот на даночни обврзници коишто пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход, ако:

  • Управата за јавни приходи при прегледот на годишните сметки и работните книги на трговското друштво, утврди дека истиот не ги исполнува условите од законот, односно доколку остварениот вкупен приход од претходната година е за повеќе од 10% поголем од максимално утврдениот (е над 3.300.000 денари);
  • Управата за јавни приходи утврди дека се работи за поврзани субјекти кои што остваруваат значаен меѓусебен промет, по цени кои се разликуваат од цените кои што се воспоставени со независни субјекти, со цел да се постигне намалено плаќање на данокот  утврден со Закон за данокот на добивка;
  • Управата за јавни приходи утврди дека трговското друштво превзема обврски и искажува расходи поврзани со работењето на со него поврзаното лице.

Во случаите од првата точка, трговското друштво е должно да плати данок на добивка на непризнаените расходи и данок на добивка на исплатените дивиденди и други распределби од добивката (доколку во годината на оданочувањето се извршени исплати и распределби од добивката), на начин утврден со одредбите на законот и правилникот, а платениот данок на вкупен приход ќе се смета за платена аконтација на данокот на добивка.

Обврска за водење на сметководствена евиденција и употреба на фискална апаратура

Трговските друштва кои плаќаат годишен данок на вкупен приход водат поедноставена сметководствена евиденција пропишана со закон.
Трговските друштва кои пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход, и коишто вршат промет на добра и услуги во готово, должни се да го евидентираат остварениот промет преку одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќа.