Постапка за издавање на пасош (прв пат, редовна замена поради изминат рок)

Патни исправи

Опис на постапка

  1. Термини за аплицирање за пасош закажувате на  телефонскиот број 0800 192 92 (може да се закаже само од фиксен телефонски апарат) или пак преку интернет порталот на МВР (само за за граѓани со живеалиште на подрачјето на град Скопје).
  2. Барањето за издавање на пасош го поднесувате лично. Истото треба да е  уредно и читко пополнето.
  3. Обрaзецот на барањето за издавање на пасош е со димензии на А4 формат и е изработен во бела боја. Ова барање  може да го најдете на сите шалтери каде аплицирате за издавање на патна исправа.
  4. Кон барањето треба да приложите лична карта или друга јавна исправа од која може да се утврди вашиот идентитет. За лица кои немаат живеалиште на територијата на Република Македонија, се приложува лична карта издадена од надлежен орган на странска држава или друга јавна исправа од која може да се утврди нивниот идентитет
  5. При поднесување на барањето за издавање на пасош, референтот ви зема и биометриски податоци – фотографија, отпечатоци од два прста и своерачен потпис во дигитална форма, заради утврдување на идентитетот. За малолетни лица до 12-годишна возраст не се врши земање на отпечатоци од прсти.
  6. Работното време на шалтерите е од 08.30 часот до 19.30 часот.
  • Редовна постапка – Органот надлежен за издавање на патни исправи и визи, барањето го решава во што пократок рок, но (предвиден рок) најдоцна до 15 дена од денот на поднесување на барањето.
  • Итна постапка – Во случај кога барателот во барањето за издавање пасош, наведе дека бара изготвување на пасош во итна постапка, доколку не постојат објективни пречки пасошот се изготвува во рок (предвиден рок) од 48 часа од денот на поднесување на барањето. Подигнување на итни пасоши, се врши во СВР- Скопје. Цената на образецот за итен пасош, се зголемува три пати во однос на редовната цена образецот за пасошот. Истиот ќе се издаде најдоцна во рок од 48 часа, од часот на поднесување на барањето за издавање на пасош, освен ако се издава поради лекување во странство, смрт или тешка болест во семејството.

Важење на пасошот

  • За лица постари од 27 години пасошот се издава со рок на важење од 10 години.
  • За лица на возраст од 4 до 27 години пасошот се издава со рок на важење од 5 години.
  • За лица до навршени 4 години живот пасошот се издава со рок на важење од 2 години.

На лично барање на граѓаните, податоците во пасошот , само за личното име ќе се испишуваат односно печатат на: македонски јазик и писмо, јазикот и писмото на граѓанинот кој зборуваат различен јазик од службениот јазик.

Потребни документи

  • барање за издавање на пасош;
  • лична карта или друга јавна исправа од која може да се утврди идентитетот на подносителот на барањето, а за лица кои немаат живеалиште на територијата на Република Македонија се приложува лична карта Издадена од надлежен орган на странска држава или друга јавна исправа од која може да се утврди нивниот идентитет;
  • уплатница на жиро сметка во износ од 1.500,00 денари за  образецот на пасошот;
  • уплата за административна такса од 100,00 денари- за лица до 4 годишна возраст;
  • уплата за административна такса од 200,00 денари-за лица од 4 до 27 годишна возраст и
  • уплата за административна такса од 300,00 денари-за лица над 27 годишна возраст.

Плаќање на таксена марка преку смс порака

  1. Лицето кое сака да изврши наплата за одреден административен трошок преку СМС порака, потребно е да испрати СМС порака на бројот 144 166 со префикс на мобилен оператор. Пораката има строго дефинирана содржина и тоа <коден збор>  <име>  <презиме>  <сума> до која што корисниците треба да се придржуваат. Кодните зборови ќе бидат објавени на шалтерите на МВР.
  2. Доколку корисникот не испрати СМС порака со точно определената содржина, истата нема да се обработи и наплатата нема да биде реализирана.
  3. Доколку уплатата била успешна, со СМС пораката ќе биде приложен и трансакцискиот број. Овој трансакциски број корисникот треба да го сочува и приложи на шалтер при поднесување барање за конкретна услуга.