/Прочитано:

141

ДОМ: Законот за урбано зеленило ќе го сопре урбанистичкиот хаос

ДОМ очекува Предлог-законот за урбано зеленило конечно да се донесе во Собранието, непосредно пред локалните избори. Според партијата, тој ќе обезбеди ефикасна заштита на постојното зеленило, со забрана за сечење на повеќегодишни дрва и задолжителна изработка на зелен катастар (попис на дрвата). Зеленилото ќе се вгради во урбанистичката документација според строго утврдени нормативи и стандарди.

Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) очекува Предлог-законот за урбано зеленило конечно да се донесе во Собранието, непосредно пред локалните избори. Ова, како што информираат оттаму, е договорено со СДСМ пред парламентарните избори, заедно со пакет закони во урбанизмот и просторното планирање. Со донесување на овој закон, сметаат од ДОМ, ќе се сопре урбанистичкиот хаос, каде што интересите на бизнисот беа пред здравиот и квалитетен живот на граѓаните.

Во своето соопштение, ДОМ наведува дека Предлог-законот за урбано зеленило досега го поднесуваше трипати во Собранието, но како што велат, наместо закон за реална заштита на зеленилото, беше донесен т.н. „Закон за зеленило“, што според нив е само декларативен и без нормативи и мерки за заштита на зелените површини.

„Предлог-законот за урбано зеленило беше изработен од Комисијата за екологија на ДОМ, заедно со стручни лица од Градот Скопје, ЈП ‘Паркови и зеленило’, како и Агенцијата за планирање на просторот. Помина серија јавни расправи во Градот Скопје и во ЗЕЛС, како и правно усогласување во министерствата и Собранието на Република Македонија. Тој ќе обезбеди ефикасна заштита на постојното зеленило, со забрана за сечење на повеќегодишни дрва и задолжителна изработка на зелен катастар (попис на дрвата). Зеленилото ќе се вгради во урбанистичката документација според строго утврдени нормативи и стандарди: 25 м2 на ниво на град и 10-30% зеленило на ниво на градежна парцела. Ќе се обезбедат финансиски средства за одржување и подигање ново зеленило, за да се намали загадувањето на воздухот и да се хуманизира просторот за живеење. Предлог-законот за урбано зеленило во моментов е на разгледување во Министерството за транспорт и врски и се очекува да биде поднесен од група пратеници од мнозинската коалиција“, се вели во соопштението на ДОМ.

Инаку, со овој закон, како што истакнуваат од партијата ДОМ, се иницира институционална заштита на зеленилото, преку кој ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон.

Сметаат дека потребата од донесување ваков закон е повеќе од итна, пред сè, поради интензивната урбанизација, зголемен број луѓе во еден град или место, како и поради климатските промени.

Според ДОМ, ова се само дел од факторите што влијаат врз влошувањето на воздухот кој го дишеме во населените места ширум Македонија. Од друга страна, како што наведуваат, значењето на зеленилото за здравјето на луѓето и за квалитетот на нивниот живот во светот одамна е признаено и затоа се практикуваат негова строга заштита и унапредување. Според статистичките податоци со кои располага ДОМ, најзелени се западноевропските градови со над 40%, потоа доаѓаат источноевропските со 15%, а најлоши се балканските држави со помалку од 10% зеленило.

Содржини на Предлог-законот:

Изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба.

Законско поставување на стандардот од 25 м² зелена површина по жител, за сите идни ГУП-ови, како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од 10 до 30%, зависно од намената и локацијата.

Во веќе изградени блокови, законот наложува компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери, на покриви и фасади.

Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста.

Со законот за зеленило, се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето.

А. Б.