/ Прочитано:

2.669

Доналд Трамп е новиот претседател на САД

Победата над Хилари Клинтон, која беше претседателски кандидат на демократите, ја осигури откако во Висконсин освои 10 гласа од Изборниот колегиум и со тоа го надмина прагот од неопходните 270 од вкупно 538 гласа од членовите на ова тело, кои му ја обезбедија претседателската функција.

ДОНАЛД ТРАМП-САД

Кандидатот на републиканците Доналд Трамп официјално е 45-от претседател на Соединетите Американски Држави. Победата над Хилари Клинтон, која беше претседателски кандидат на демократите, ја осигури откако во Висконсин освои 10 гласа од Изборниот колегиум и со тоа го надмина прагот од неопходните 270 од вкупно 538 гласа од членовите на ова тело, кои му ја обезбедија претседателската функција.

Детална анализа за текот на гласањето на претседателските избори во САД направи „Њујорк тајмс“, во која се оценува дека овие избори биле најнеизвесните и најтешко предвидливите избори.

Потребните 270 гласа од Изборниот колегиум Доналд Трамп ги освои од сојузните држави: Кентаки, Индијана, Западна Вирџинија, Оклахома, Тенеси, Мисисипи, Алабама, Јужна Каролина, Северна Дакота, Јужна Дакота, Вајоминг, Небраска, Канзас, Тексас, Арканзас, Луизијана, Монтана, Мисури, Охајо, Ајдахо, Северна Каролина, Флорида, Џорџија, Ајова, Јута, Аризона, Алјаска, Мичиген и Висконсин. Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон освои 219 гласа од претставниците на Изборниот колегиум од државите Вермонт, Илиноис, Њу Џерси, Масачусетс, Мериленд, Роуд Ајленд, Вашингтон ДЦ, Делавер, Њујорк, Конектикат, Њу Мексико, Вирџинија, Колорадо, Калифорнија, Хаваи, Орегон, Вашингтон, Невада, Мејн и Њу Хемпшир.

Обраќајќи се до нацијата од својот изборен штаб во Њујорк, Доналд Трамп порача дека ќе ја обедини Америка и дека негов приоритет како претседател на сите граѓани на САД ќе биде уште поголемо зајакнување на економијата. 

„Сега е вистинско време да се сплотиме и да бидеме единствена нација, сите заедно, и демократите и републиканците. Ветувам дека ќе бидам претседател на сите граѓани во Америка. Тоа ми е најважно. Барам помош и од граѓаните кои не го дадоа својот глас за мене бидејќи сметам дека заедно можеме да ја обединиме нашата прекрасна земја“, изјави Трамп веднаш по победата на претседателските избори.

Во својот говор Трамп истакна дека за време на претседателскиот мандат ќе создаде услови секој во Америка, без разлика на вера, раса, пол, да може да го оствари својот потенцијал. Даде ветување за реализација на проекти кои ќе придонесат за национално закрепнување на Соединетите Држави. Трамп порача дека ќе ја засили соработката со останатите земји во светот.

„Ќе се согласуваме со сите нации кои сакаат да се согласуваат со нас. Ќе бараме заеднички јазик, а не непријателство. Ќе бараме партнерство, а не судири во односите со другите земји“, рече Трамп во обраќањето до нацијата. 

Првата честитка за победата ја доби од неговата противкандидатка, Хилари Клинтон, за која истакна дека жестоко се борела докрај за влез во Белата куќа, поради што токму нејзе ѝ должи благодарност.

Функцијата претседател на Соединетите Американски Држави на Доналд Трамп му ја честиташе и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изразувајќи надеж за заедничка соработка.

Реакции за победата на Трамп пристигнаа и од Европската Унија. Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека на Унијата ќе ѝ биде предизвик да соработува со новоизбраниот американски претседател.

„Мора да го почитуваме изборот на Трамп, кој ја освои победата на слободни и демократски избори. Соработката меѓу САД и ЕУ ќе биде потешка отколку со администрацијата на Барак Обама, но мора да најдеме начин да соработуваме“, изјави Шулц. 

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, порача дека соработката меѓу САД и ЕУ е многу подлабока од каква било промена на политиката.

А. Б.