/ Прочитано:

1.382

Дополнувања на Законот за платниот промет со цел намалување на провизиите за безготовинско плаќање со платежна картичка

Четврток, 5 март 2015 – Министерството за финансии подготвува дополнување на Законот за платниот промет. Со овие дополнувања, известуваат од Министерството, ќе се намалат провизиите за безготовинско плаќање со платежна картичка.

„При реализацијата на трансакцијата за плаќање со платежна картичка преку ПОС терминали на продажно место или преку електронска продавница, носителите на платниот промет ги користат сервисите за авторизација, клиринг и порамнување на меѓународните картични организации. Провизијата за извршената трансакција со платежна картичка паѓа на товар на трговецот и нејзината висина е утврдена во одреден процент од вредноста на извршената трансакција“, посочуваат од Министерството за финансии.

Од Министерството образложуваат дека во утврдениот износ на провизијата која му се наплаќа од трговецот, се вклучени и провизиите за процесирање, за авторизација, за клиринг и за порамнување на плаќањето кон меѓународните картични организации, утврдени во согласност со тарифите на картичните организации.

„Притоа, провизиите како трошок на трговецот влијаат на цената на вршење на трговијата, а од друга страна дел од средствата наплатени од провизиите се одлеваат кон меѓународните картични организации“, известуваат оттаму.

Законските дополнувања имаат за цел отворање простор за намалување на провизиите за безготовинско плаќање со платежна картичка.

„Со цел отворање простор за намалување на провизиите за безготовинско плаќање со платежна картичка, вклучително и при електронска трговија се предлага пресметката и утврдувањето на обврските и побарувањата во денари на учесниците во платниот систем (носител на платниот промет и агентот за порамнување) да се вршат преку платни системи кои се основани во Република Македонија, во согласност со Законот за платниот промет“, образложуваат од Министерството за финансии.

 М.В