/ Прочитано:

3.404

Достапни и реални цени за закуп и купопродажба на недвижности

Петок, 22 мај 2015 – Агенцијата за катастар на недвижности од денеска преку ГИС порталот  на својата веб страница ги објавува цените на сите купопродажби и закупи запишани во регистарот на цени и закупнини. Достапни се информации за бројот на трансакции на одредена гео локација, која цена е постигната, за каков тип недвижност се работи, која е квадратурата на недвижноста што била во промет, за каков тип трансакција се работи и датумот кога е извршена.

Со овој проект, според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, пазарот на недвижности во Македонија станува транспарентен. Се надминува проблемот со недоволна количина податоци и информации за цените поради што се користеа несигурни и неофицијални податоци.

За два месеца од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини се обработени над 5.000 трансакции.

„Објавените цени се истражени во договорите за купопродажба. Во Регистарот на цени се внесени и оданочените вредности. Првичните анализи покажаа дека за отприлика 20 проценти се прикажуваат пониски цени во споредба со оданочените. Целта на Регистарот на цени е оваа разлика да исчезне. Очекувањата се токму тоа, оваа разлика да исчезне, да дојде време кога правните и физичките лица кои продаваат и купуваат имот да ги прикажуваат реалните цени“, рече Трпески, одговарајќи на новинарски прашања.

Според статистиката од Регистарот, најмногу трансакции на недвижности и закупи има во Скопје. Највисока трансакција во изминатите два месеца се случила на територијата на Охрид, во износ од 74.261.000 денари, при купопродажба на објект од 6.751 метар квадратен. Во Охрид просечната цена на метар квадратен земјиште во градот изнесува 3.561 денар, а во околината 358 денари за метар квадратен. Просечната цена на метар квадратен за објект во Штип изнесува 30.384 денари, односно за објект од 77 метри квадратни цената би изнесувала 2.339.568 денари. Во Скопје во општина Карпош е постигната просечна цена од 58.097 денари за метар квадратен, во Општина Кисела Вода 2 е со просечна вредност од 49.136 денари.

Кај закупите најголема вредност е постигната во Скопје во катастарската општина Центар 2, каде за деловен простор со површина од 287 метри квадратни закупнината изнесува 411.335 денари. Најголем број закупи од досега обработените податоци се случиле на територијата на катастарската општина Центар 1, односно 116 закупи со постигната просечна цена по метар квадратен од 449 денари и за референтна недвижност од 69 метри квадратни месечниот закуп би изнесувал 30.877 денари. Во Кисела Вода 2 метар квадратен закуп на објект просечно изнесува 298 денари, а во Охрид 397 денари.

„Сите податоци дополнети со детални анализи ќе бидат дел од извештаите за движењето и трендот на цените на недвижностите и закупите кои Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги објавува двапати годишно“, најави Трпески.

Регистарот на цени е основната алатка која треба да придонесе за масовната проценка на недвижностите, за што Катастарот потпиша Меморандум со Комората на проценувачи со која ќе воспостават и база на проценки на недвижностите.

„За примена на Меморандумот, Агенцијата за катастар на недвижности ќе ја воспостави и ќе ја одржува базата на процени и ќе обезбеди бесплатен пристап на проценувачите до базата. Проценувачите се должни да ги внесуваат податоците од секоја извршена поединечна процена на недвижен имот.Членовите на комората ќе можат бесплатно да ги користат податоците од базата на процени“, рече Надица Младеновска-Крцкоска, директор на Комората на проценувачи.