/ Прочитано:

1.763

Доц. д-р Драги Рашковски: ДИК како „коректор“ на ноктите на девојките – мастилото го затемнува човековото достоинство

Доц. д-р Драги Рашковски , доцент на Правниот факултет „Јустинијан први“, иноватор и добитник на медал на Меѓународниот саем на иновации iENA2013 за иновацијата Електронската гласачка кабина, вели дека употребата на мастило за обележување на гласачот за време на изборите е парадоксално во однос на декларираните заложби за информатичко општество.

Познатиот македонски иноватор Драги Рашковски при добивање на престижната европска награда изјави дека неговата заложба е да направи спој на правото и технологијата, а во функција на правата на граѓанинот во смисла на електронско спроведување на сите форми на посредна и непосредна демократија.

Парадокс: Говориме за дигитализација – добиваме мастило на палец

Се чини дека ваквите заложби на младиот професор по правни науки се под очекуваното ниво и онака како што тој визионерски го замислува тоа, најмногу од причини што, како што вели, „парадоксот до кој е доведен македонскиот граѓанин на овие избори“.

Според Рашковски, најдобар доказ за тоа е постапувањето со граѓанинот и гласачот со употребата на „фамозното“ мастило кое не претставува ништо друго освен рушење на декларираните принципи за информатичко општество на кое толку многу му се посветува внимание и надеж.

„Би рекол дека употребата на мастилото за бележење на гласачите во изборниот процес не само што е навредливо туку, да го употребам и тој најсоодветен збор – за никаде. Постојано говориме за дигитализација, за бази на податоци, за модернизација и наеднаш се навраќаме кон нешто што се нарекува – мастило на палец. Многу парадоксално, се разбира.  Се „вадиме“ дека изборите се сложен процес и дека мора да се употребуваат такви средства, а како да заборавеме дека тоа може да се поедностави само со доследно почитување и имплементиерање на практиките на електронското спроведување на формите на посредната и непосредната демократија“, револтирано посочува Рашковски.

Тој истакнува дека парадоксот е поголем кога ќе се види дека дури приватните институции веќе ги практикуваат тие насоки на дигитализација, па дури и казината како за илустрација, а државните институции во однос на изборите немаат „абер“.

„Еве земете го примерот со казината. И тие имаат такви форми на дигитално препознавање. Но, ова е поинаква коцка, секако, коцка со достоинството на луѓето. А пак, каде е тука интегритетот на телото и уставната поставеност на правата на граѓанинот“, објаснува иноваторот.

Рашковски е дециден дека со употребата на мастилото се руши достоинството на човекот, но и посочува на примери кои често може да се видат низ „изборната пракса“.

ДИК како коректор на ноктите на девојките

„Имаме ситуација кога некоја девојка дала пари за средување на ноктите и сега на избори тоа треба да се „корегира“ во друга насока со мастилото, па избирачкиот одбор ќе и ги доуредува ноктите, на пример“, пластично илустрира Рашковски, според кого, ваквата анахрона методологија нема поента.

„Нема поента едноставно. Која е поентата да те мачкаат со мастило ако веќе уредно си се потпишал во списокот, си бил легитимиран. Нема логика“, укажува тој и истакнува дека „не постојат гаранции за мастилото“.

„Какво е тоа мастило? Еве со денови не може да се извади. Обичен маркер се вади за брзо време, ова очигледно е дека е некоја тешка хемикалија. Тоа, пак од друга страна говори за она што се нарекува човеково достоинство, кое за жал, во овој случај е потемнето со мастилото“, вели иноваторот и доктор по правни науки, Драги Рашковски.

Според него, за да се надмине ваквата состојба потребно е во согласност со декларираните заложби, да се почитуваат принципите на информатичкото општество, што всушност е и темелот на неговото иноваторство.

Хемикалијата го „труе“ достоинството

Како за потсетување, Рашковски е творец на проектот Електронска гласачка кабина чија примена априорно служи за остварување на формите на демократија и интенција е преку неа граѓаните да може да гласаат, да одлучуваат за прашања како буџет, изградба на патишта, ветерници, гасификација и се она за што би требало да бидат прашани како граѓани. Тоа, според него, не само што е во функција на демократизацијата и внесување на нови политичко-правни вредности, туку и во функција на дигитализацијата што значи и отстранување на „вакви нехумани методи како обележување со мастило“.

„Во денешно време без разлика дали се работи за посредна или непосредна сите ги критикуваат дека не се на степен на којшто треба да бидат и не ги остваруваат целите онака како што се замислени. Ако тргнеме од тоа дека секој ден луѓето се помалку се вклучени во непосредните текови на учество во одлучувањето за јавни работи, вие мора да му најдете некоја форма со која ќе му овозможите да го реализира тоа и да учестува во јавниот живот. Во време кога целокупниот јавен живот е препуштен на политичарите, народот нема можност да биде вклучен во тоа, бидејќи не може и да сака затоа што мора да одвои добар дел од своето време. Значи, покрај правно-политичките претпоставки, постојат и технично-практични. И сега доаѓаме до суштината – народот да се приближи до политиката, а тоа може преку користење на технологијата која ја користиме секојдневно од забавни до едукативни цели. И тука најбитно е таа да се користи кога се одлучува за работи кои ја одредуваат неговата иднина“, рече Рашковски по добивањето на престижното европско признание.


 Објавено: 17 април 2014

Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk