/ Прочитано:

1.061

„Довербата доаѓа пеш, но си заминува на коњ“ – ФРИСТ БАКЕР, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА ХОЛАНДИЈА

Нивото на доверба во судството на Холандија е многу високо – над 80 отсто.  Судството кај нас, меѓу граѓаните, ужива речиси дупло повисока доверба од Владата. Многу сме горди на тоа. Имаме една изрека во Холандија која вели: „Довербата доаѓа пеш, но си заминува на коњ“.  Значи многу е важно да се изгради и одржи доверба, вели во интервјуто за АКАДЕМИК, првиот човек на холандскиот Судски совет, Фрист Бакер. Фокусот во холандското судство, истакнува тој, повеќе е насочен кон јакнење на капацитетите на судиите, на нивно усовршување и надградување, а не на нивно казнување. 

Кои надлежности на Судскиот совет на Холандија би ги издвоиле како најбитни?

Судскиот совет на Холандија има многу надлежности. Накратко, најважната задача на Советот е дефинирање на Буџетот. Советот секоја година го распределува буџетот на судовите, а потоа примаме извештаи од судовите за тоа како тие ракуваат со средствата. Важно е да се напомене дека судскиот буџет во Холандија е целосно независен и одделен од државниот буџет. Што значи дека Судскиот совет на Холандија е комплетно задолжен за сите буџетски ставки – за компјутерска технологија, за персоналот…, буквално за сите трошоци кои ги имаат судовите. Понатаму имаме задача во однос на регрутирањето, изборот и назначувањето на судиите. Исто така имаме и политичка задача на начин што сме советодавно тело коешто се произнесува со мислења и предлози пред Собранието на Холандија во однос на законската регулатива, особено на онаа која директно или индиректно се однесува на судиите. Исто така ние ги именуваме членовите на управните одбори на судовите.

Може ли да нѝ го објасните системот на евалуација на работењето на судиите во Холандија? Колку често се изрекуваат дисциплински мерки?

Нашиот систем за евалуација е многу поразличен од македонскиот. Имаме систем на евалуација што се одвива интерно меѓу судиите и нивниот непосреден раководител – на одделот во кој тие судии работат. Ова се прави во рамките на судовите, меѓутоа целта не е да се покренат дисциплински постапки или, пак, судиите да бидат унапредени. Дисциплински постапки може да поведе Врховниот суд, а некои не толку строги дисциплински мерки може да изрече и претседателот на конкретниот суд. Дисциплинските мерки се редок пример помеѓу судиите во Холандија. Станува збор за крајна мерка и тие не треба лесно да се сфатат. Поради ова, фокусот повеќе го насочуваме кон јакнење на капацитетите на судиите, на нивно усовршување и надградување, а не на нивно казнување. Во однос на ефикасноста на судовите Холандја, можам да кажам дека нема некоја поголема разлика, сите се тука некаде.

Какво е нивото на доверба  на граѓаните во холандското судство?

Нивото на доверба во судството на Холандија е многу високо – над 80 отсто.  Судството кај нас, меѓу граѓаните, ужива речиси дупло повисока доверба од Владата. Многу сме горди на тоа. Имаме една изрека во Холандија која вели: „Довербата доаѓа пеш, но си заминува на коњ“.  Значи многу е важно да се изгради и одржи доверба.

Неодамна, Судскиот совет на Холандија и Судскиот совет на Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка. Што опфаќа оваа соработка и какви ефекти се очекуваат?

Прерано е да нагаѓам, но сигурен сум дека овој твининиг проект, кој, меѓу другото, опфаќа соработка помеѓу судовите во Скопје и Окружниот суд во Оверајсел, Холандија, како и соработка меѓу академиите, ќе вроди со плод. Сметам дека во сржта на оваа соработка се многу поважни контактите  кои ќе ги остварат судиите од Холандија и од Македонија, отколку соработката и контактите кои преставниците на советите ќе ги остварат во рамки на проектот. Како пример би го посочил  состанокот кој го имавме во скопскиот Кривичен суд. Кога  почнавме да разговараме за проблематиката со која работат судиите, за 5 минути се разви жива дискусија помеѓу преставниците на судовите од Холандија и од Македонија. Можевме цел ден да го поминеме разговарајќи за суштината на судиската работата.

Покрај сите спроведени реформи во  македонскиот правосудниот систем,  граѓаните сеуште имаат мала доверба во судството. Какви се Вашите препораки?

Секако, доколку во македонскиот правосуден систем има работи кои не се направени добро во моментов и резултираат со недостаток на доверба, треба да се работи тоа.  Ние би биле среќни, доколку, во рамки на проектот, можеме да помогнеме. Но,  доколку ова е прашање на перцепција и прашање на имиџ, доколку тие не прават ништо погрешно, а јавноста има потешкотии да верува во судството, тогаш можеби треба да се работи на комуникација со јавноста.

Сепак, ова постојано низ примери од пракса се истакнува како забелешка во извештаите за напредок на Македонија што ги подготвува Европската комисија, но и во многу други извештаи на релевантни меѓународни и домашни организации…

Нашите македонски колеги ни’ посочија дека станува збор двете работи: прашање на перцепција, но исто така и прашање на работи кои мора да се направат. Важно е да знаете,  дека кога прашавме која земја е заинтересирана за соработка со нас, односно за твининг проектот, македонскиот Судски совет е тој што ни’ пријде прв. Така што, мојот впечаток е дека тие навистина работат на подобрување правосудниот систем.

Како ја оценувате работата на македонскиот Судски совет?

Тешко е да се произнесам по ова прашање  во моментов. Она што е важно да се истакне, како информација и искуство, е дека во Македонија  традицијата на постоењето на ваквите совети е многу помала, пократка во однос на Холандија. Мојот впечаток е дека е прилично многу постигнато. Нормално дека има работи кои можат да се направат могу подобро, но и во Холандија ситуацијата е таква, односно може да се зборува и за подобрувања кои треба да се направат.


Разговараше: Елена Паловска

Објавенo: 3.12.2014