/ Прочитано:

2.205

Довербата меѓу адвокатот и странката – клучна максима во остварувањето на правата

Улогата на еден адвокат опфаќа доста елементи. Не е во прашање само застапувањето, туку и охрабрувањето, поддршката, одговорноста, контролата и спектарот на опции што водат во други соодветни услуги и пообјективни ситуации во кои се вклучени директно граѓаните.

akad 1

Мерџан Даути

Кога сте застапувани од адвокат, вие не сте сами!

Адвокатот, со сите дејствија што ги презема, се обидува да обезбеди сѐ за клиентите, особено за оние што се најранливи во општеството, тргнувајќи од фактот дека адвокатот е: гласот на спорните прашања кои се важни за клиентите, оној што ги брани правата и интересите на граѓаните, што ги почитува нивните ставови и желби и што им дава заштита во сите случаи кога се работи за суштествени прашања и за одлуки кои се рефлектираат на нивните животи.

Застапувањето од адвокатот во процесите им овозможува на луѓето да ги искажат своите ставови и размислувања, да имаат пристап до информации и услуги, да имаат одбрана и промоција на нивните права и обврски, како и да елаборираат и да истражуваат солуции или опции во таа насока.

Од тие причини, од таа релација на доверба меѓу адвокатот и клиентот, адвокатот е независен при претставувањето на барањата и желбите на клиентот, дури и без присуство на клиентот, пред која било инстанција или пред кој било орган.

Тоа е така токму поради фактот дека клиентот му верува на адвокатот кој во својство на овластено лице го прави она што е барање на клиентот и она што очекува и што сака клиентот да се направи и да се случи, во контекст на конкретен предмет што ги тангира неговите права и интереси.

Договорот и довербата меѓу адвокатот и странката се максимата по која постапува адвокатот. И ваквата доверливост од страна на странката постои кај адвокатот кој е заштитник на нејзините права и интереси, кој должно го применува и го почитува она што е укажано од странката за постоењето на други ограничени околности, во врска со кои не би постапил без нејзина дозвола.

Меѓутоа, тука треба да се нагласи дека за доследна и квалитетна заштита на интересите и правата на граѓаните, потребно е ова прашање да се погледне и од поширок општествен контекст. Адвокатурата во Македонија се соочува со огромни проблеми предизвикани од системски решенија кои со децении ѝ наштетуваат на адвокатурата. Тука, првенствено, треба да се нагласи нејзината положбата во актуелно поставениот системот кој му овозможува доста приоритети на нотаријатот.

Со таквата поставеност во системот, кој мора да претрпи промени, не може да се говори за заштита на правата и интересите на граѓаните. Имено, нотарот не е во својство да советува две различни странки, така што нивните права се ограничени, а не заштитени. Исто така, адвокатот е тој што застапува пред сите надлежни државни органи. Адвокатот во својство на застапник на граѓаните им помага во пристапот до информации и податоци кои им требаат на странките, или учествува со клиентот како негова поддршка на состанок или на разговор.

Граѓаните како странки можат да му доверат на адвокатот да подготвува акти и да пишува писма од нивно име, или да зборува од нивно име во ситуации каде што не се чувствуваат способни да зборуваат за себе. Тие дејствија и уште многу други се обврските што не можат да ги реализираат нотарите. Адвокатот ќе ги вложи своето знаење и стручноста, ќе ви посвети време за да се запознае со вашите ставови и желби кога треба да се реализираат работите во согласност со законските одредби, но и во согласност со временската итност на некој предмет и на некоја постапка за кои присуството на адвокат е од исклучителна полза.

Адвокатот е од извонредна и од единствена помош во сите видови ситуации каде што граѓаните сметаат дека треба да се слушне нивното мислење и да се земаат предвид нивните ставови. Адвокатот со својот ангажман, на еден начин, и лобира за својот клиент, што е само еден вид на застапување и активност што вклучува конкретна акција. Улогата на еден адвокат опфаќа доста елементи. Не е во прашање само застапувањето, туку и охрабрувањето, поддршката, одговорноста, контролата и спектарот на опции што водат во други соодветни услуги и пообјективни ситуации во кои се вклучени директно граѓаните.

За жал, реалноста е дека нотарите ги сметаат адвокатите само за непријатели. А зошто заштитниците на правата на граѓаните, кои ги вршат своите професионални должности во согласност со Уставот, со законодавството, со професионалната доверливост и етиката, да бидат сметани за непријатели од страна на нотарите? Ајде, ако веќе се дефинираат непријатели, да ги дефинираме адвокатите поинаку, со нивното вистинско име. Да ги дефинираме како непријатели на сето она што ги загрозува правата на граѓаните, поточно да ставиме крај на сето друго непринципиелното дефинирање на адвокатите како непријатели и да ги дефинираме како доверливи пријатели на правата и интересите на граѓаните.

Да ги дефинираме на таков начин што само правата на граѓаните ќе бидат приоритет и токму остварувањето на тие права да бидат максима и во нотаријатот, така што заштитниците на интересите и правата на граѓаните, имено адвокатите и адвокатурата, ќе го најдат своето вистинско и заслужено место.

Адвокатите посветено работат на браникот на човековите права. Меѓутоа, оваа благородна професија, исто така, се соочува со проблеми и недостатоци во однос на својата положба во поставениот систем, а како резултат на тоа и со комплицирање на состојбата, со финансиски притисоци и со професионален стрес. А каква е реалната слика на адвокатурата таква е и сликата на правата на граѓаните!

Адвокатите мора да бидат таму каде што по повикот на својата благородна професија треба да бидат – секогаш на браникот на граѓаните, и секогаш со нив, секогаш близу до нив, во заштита на нивните права. Доколку не е така, тоа би значело дека е загрозено владеењето на правото, дека постои хаос и анархија и дека граѓаните се осамени и незаштитени во остварувањето на своите права.

И затоа, кога сте застапувани од адвокат, вие не сте сами!

Мерџан Даути, адвокат

АДВОКАТУРАТА КАКО СИМБОЛ НА СОЖИВОТОТ: Тетовските адвокати Александар Симјаноски и Мерџан Даути градат иднина над предрасудите