/ Прочитано:

1.882

Општество кое инспирира: Правото и сатирата претставени на третата конференција ENGAGE

Понеделник, 16 јуни 2014 – Салата „Империјал“ во Македонска опера и балет (МОБ) викендов беше местото каде што на едно место се собра бројна млада публика и голем број активисти, уметници, новинари, креатори на онлајн иницијативи, блогери и ИТ експерти во рамки на третата конференција ENGAGE.

Оваа година како одбележување на 15-годишниот јубилеј на организацијата тема на конференцијата беше друштвениот активизам, а повеќе од дваесет говорници ги споделија своите искуства во однос на креирањето активистички проекти, иницијативи или други начини за врз развој на критичката мисла во земјава.

Музичарот Златко Ориѓански говореше за моќта на музиката, како граѓански идентитет, но и како средство кое инспирира и ангажира. Иако, истакна тој, музиката сама не може да го смени општеството, сепак може да биде коректор.

„Музиката има една магија која што воспитува и ги упатува некои луѓе кон она што е добро, а не кон она што е лошо“, забележа тој.

На покана на организаторот, за хуморот и сатирата пак кои се инспирација и начин за подигнување на јавната свест говореше правникот Милчо Велјаноски, чии шеговити компарации, уметнички и сатирични контрибуции, статуси на социјалните мрежи и на блогот на Академик.мк ги следат илјадници граѓани.

Како што беше најавено од организаторот во најавата, постоењето на АКАДЕМИК е од огромна корист за правното информирање и култура, особено за интернет активизмот изразен преку Академик.мк како портал кој разјаснува многу суштински прашања поврзани со правото, вклучително и со блоговите кои, покрај другото, на сатиричен начин ги претставуваат и социолошко-правните  импликации врз секојдневието.

Тој во рамки на темата „Македонија – општество кое инспирира за сатира“ пред публиката на конференцијата ги претстави неговите најдобри фотомонтажи и текстови на блогот на Академик.мк, во кои на сатиричен начин се анализираат политичко-правни контексти, состојбите кои се случуваат во општеството, правото и законодавството.

„Дискутабилна е тезата дали сатирата во Македонија е  политизирана од одреден центар на моќ, кој креира некои идеи, бидејќи општествените парадокси кои всушност се генератори на сатирата најдобро се забележуваат низ правните апсурди кои го говорат спротивното – ако не си доволно креативен да создадеш или предложиш квалитетен закон, не можеш да креираш ниту квалитетна сатира, освен ако самиот закон по себе не би се сфатил како сатира во обид“, сатирично посочи Велјаноски.

За сатирата говореше и актерот Бесфорт Идризи, познат по хумористичните вести „ЛајМе“.

„Имаме многу повеќе слобода од онаа што ја користиме“, потенцира тој.

Новинарот Зоран Бојаровски се обиде да ја долови смислата на фактите во Македонија, при што сумираше дека новинарите во земјава мора да бидат и актививисти и да застанат зад одбрана на слободата на изразувањето, но и за зачувување на новинарските стандарди.

Режисерот Владимир Милчин потсети дека Македонија имала традиција на пркос и активизам во системот на Југославија, при што истакна дека не само што најдолгиот работнички штрајк во федерацијата се случил во Кратово и траел 42 дена под силни притисоци, туку и повеќе од половина од ваквите протести на ниво на Југоскавија биле кренати во Македонија.

Гостинката од Украина, Yaryna Grusha пак ја раскажа приказната за видео активизмот во Украина и за настанувањето на Babilon`13 кои преку видеа и филмови ги документират настаните, со што имаат силено влијание врз јавната свест.

Со ENGAGE, Младинскиот образовен форум го започна и одбележувањето на својот 15 годишен јубилеј.

„МОФ одлучи да не прави посебни родендени, прослави и гала вечери, туку од почетокот на месец јуни па се до крајот на 2014 та година на секој поголем настан ќе приредуваме мали изненадувања како симболика на изминатите 15год“ изјави Дона Костуранова, претседател на МОФ.

Конференцијата беше затворена со  ENGAGE the NIGHT- журка која се одржа во старото летно диско на МНТ и траеше до раните утрински часови. На неа настапија Samoil Radinski, Goran Kan, Mirko Popov, Flooder и Vaso, а за визуелизации беа задолжени Lazy Kids Visuealz.