/ Прочитано:

3.295

Државен инспекторат за животна средина: Неопходна е нова законска регулатива за ефикасно функционирање на Инспекторатот

Законските измени, како што најави в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Мирослав Богдановски, ќе се однесуваат на начинот на работење на оваа институција, односно како што рече, промените во овој дел на регулативата ќе овозможат државните инспектори да одат и во контроли кога овластените инспектори за животна средина вработени во општините нема да направат надзор. Измените ќе бидат со цел да се овозможи целосна координација во работата меѓу државните и општинските инспектори.

За да се постигне целосна ефикасност на Државниот инспекторат за животна средина, потребна е нова законска регулатива со која ќе се обезбеди поголем буџет за оваа институција, како и можност за координација со сите овластени општински инспектори за животна средина. Ова е констатирано од страна на в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Мирослав Богдановски, кој на денешната прес-конференција посочи дека во моментов Инспекторатот располага само со 16 инспектори кои се задолжени за контрола на загадувањето на воздухот, почвата, водата на територијата на цела Македонија.

Инспекторите се распределени, така што во западниот дел има шест инспектори, во југоисточниот шест инспектори, а Градот Скопје е покриен со четири инспектори.

„Очигледна е потребата за зголемување на бројот на инспектори, како и доекипирање со други стручни и технички лица. Во согласност со заложбите на новата Влада, очекуваме во Буџетот за 2018 година да бидат издвоени финансиски средства за нормално функционирање на Инспекторатот и набавка на мобилни современи инструменти за индикативни мерења, со што попрецизно ќе се лоцираат изворите и видот на загадувањата“, изјави Богдановски.

Истовремено, законските измени, како што најави Богдановски, ќе се однесуваат на начинот на работење на Државниот инспекторат за животна средина, односно како што рече, промените во овој дел на регулативата ќе овозможат државните инспектори да одат и во контроли кога овластените инспектори за животна средина вработени во општините нема да направат надзор.

„Законските измени ќе бидат со цел да се овозможи целосна координација во работата меѓу државните и општинските инспектори, односно со овие измени државните инспектори за животна средина ќе можат да вршат стручен надзор врз работата на општинските инспектори. Во меѓувреме, доколку некој општински инспектор за животна средина не реагира на барањата на граѓаните да изврши надзор за загадување на животната средина што е во ингеренција на општината, тие можат да го пријават во Државниот инспекторат“, појасни Богдановски.

Што се однесува, пак, до буџетот со кој располага Државниот инспекторат за животна средина, од вкупно 14 државни инспекторати, како што посочи Богдановски, оваа институција располага со 245.000 евра годишно, што според годишниот буџет ја става на претпоследно место.

„Од вкупниот буџет, 204.000 евра се наменети за плати за вработените, а со преостанатите средства треба да се извршуваат сите задачи на територијата на целата држава, што е практично невозможно“, рече Богдановски.

Функционирањето на Државниот инспекторат е доведено во прашање и поради огромниот долг во износ од околу еден милион денари, додаде Богдановски, нагласувајќи дека се исклучени и телефонските линии. Во оваа насока, тој истакна дека во текот на следната недела ќе биде решен проблемот со телефонските линии.

„Овој проблем ќе биде надминат многу скоро, со цел граѓаните и на телефон да доставуваат свои претставки, а наскоро ќе отвориме и СОС-линија. Во меѓувреме отворивме фејсбук-страница, каде што се објавени и мобилните телефони на сите наши инспектори и граѓаните можат директно да ги контактираат“, рече Богдановски.

А. Б.