/ Прочитано:

1.607

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА: Системски и законски слабости за плаќањето на комуналните такси

Вторник, 14 јули 2015 – Со цел да се обезбеди комплетност и транспарентност во наплатата на сопствените приходи на општините, ревизијата препорачува законодавецот да изврши законски дополнувања во функција на надминување на  слабостите, велат од Државниот завод за ревизија.

Системските слабости кои се однесуваат на Законот за комуналните такси

„Во неколку годишни извештаи ги истакнувавме системските слабости кои се однесуваат на Законот за комуналните такси кои се актуелни и оваа година. Во Законот за комуналните такси пропишано е наплатата на комуналната такса за користење на улиците со патнички, товарни моторни возила, автобуси и специјални возила да ја вршат правни лица овластени за вршење на регистрација на возилата и да ја уплатуваат на соодветната сметка за уплата во рамки на трезорската сметка на општината“, посочуваат од Државниот завод за ревизија.

Оттаму додаваат дека во Законот за комунални такси не е пропишано во кои рокови правните лица треба да ја уплатат наплатената такса на сметка на општината.

„Исто така, не е пропишана обврска да ја известуваат општината за бројот на регистрираните возила во зависност од кубикажата и за месечниот износ на прибраните средства поединечно и кумулативно“, велат од Државниот завод за ревизија.

Да се предвидат законски одредби за  точно плаќање на комуналната такса

Според ДЗР, општините немаат податоци за бројот и видот на возилата по кубикажа и  ефектите од вака воспоставената пракса се рефлектираат на комплетноста и точноста на остварени приходи по овој основ, кои општината ги евидентира во сметководство единствено како прилив без конкретни податоци за него.

„Со цел да се обезбеди комплетност, точност, навременост и транспарентност во наплатата на сопствените приходи, ревизијата препорачува да се предвидат законски одредби кои ќе овозможат следење и контрола на навременото, комплетното и точното плаќање на комуналната такса за користење на улици со патнички, товарни моторни возила, автобуси и специјални возила според категоризација на возилото и точно утврдување на пропишаната обврска за плаќање“, истакнуваат од Државниот завод за ревизија.

„По основ на комунална такса за улично осветлување, општините во Република Македонија од страна на ЕВН Македонија АД Скопје не добиваат податоци за: бројот на обврзници по категории (број на броила) во согласност со тарифниот број 10 од Законот за комуналните такси; извештај за месечниот износ на прибраните средства поединечно и кумулативно; шестмесечен извештај за реалната состојба со бројот на броилата и  известување за ненаплатени побарувања по основ на оваа комунална такса“, посочуваат од Државниот завод, додавајќи дека и покрај склучениот Меморандум за соработка помеѓу ЗЕЛС и ЕВН Македонија АД Скопје, од страна на ЕВН не се почитувале договорените обврски од Меморандумот за доставување на податоци и извештаи.

Да се изедначи застареноста со одредбите од Законот за данокот на имот

„Со цел да се обезбеди комплетност и транспарентност во наплатата на сопствените приходи на општините, ревизијата препорачува законодавецот да изврши дополнување на законското решение во функција на надминување на истакнатите слабости. Во делот предмет на оданочување од Законот за комуналните такси, да се прецизира користењето на музиката во јавни локали и да се даде попрецизна дефиниција на јавни локали во согласност со Законот за угостителство. Во делот на утврдување и наплата на комуналните такси да се изедначи застареноста со одредбите од Законот за данокот на имот каде што е определена на 5 години“, сметаат од Државниот завод за ревизија.

М.В