/ Прочитано:

1.039

Државните интервенции го ограничуваат развојот на поштенскиот пазар од аспект на онлајн трговијата

Според истражувањето на Агенцијата за пошти, на македонскиот поштенски пазар најмногу рекламации лани се поднесени за изгубени поштенски пратки, или 93 проценти од вкупниот број рекламации.

fotografija

Повеќе од 88 проценти од испитаниците рекле дека никогаш не поднеле рекламација за квалитетот на услугите до Агенцијата за пошти како регулаторно тело, а на речиси пет проценти од испитаниците воопшто не им се јасни или познати постапките за рекламација. Над 80 проценти сметаат дека интернетот и комуникацијата преку дигиталните форми кои ги нуди развојот на технологијата имаат потенцијал во целост да ги заменат поштенските услуги.

Од вкупните поштенски услуги кои ги користеле испитаниците 65 проценти отпаѓаат на бизнис-кореспонденцијата и испорака на пакети. Само 10 проценти имале искуство во постапки пред Агенцијата за пошти.

Според податоците на Агенцијата за пошти, вкупниот обем на поштенски сообраќај во 2015 година е намален за над два милиони пратки во однос на 2014 година.  Кај давателот на универзалната услуга Македонска пошта (МП) трендот на намалување е постојан од 2011 година наваму, вели директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски.

„Обичните писма учествуваат со над 87 проценти кај Македонска пошта. Тоа значи дека огромен дел од својот приход Македонска пошта остварува преку својата доминантна позиција, овозможена преку законски регулираното постоење на резервираната област, пазарен сегмент кој кај напредните европски оператори веќе одамна не е сегмент на кој се базира конкурентноста во поштенските услуги. Со продолжувањето на рокот за целосна либерализација за уште две години, укажа Атанасовски, се создава приходна зависност на МП од пазарен сегмент кој и континуирано ќе се намалува“, вели Атанасовски.

Директорот на Агенцијата за пошти укажа и дека преку интервенциите на државата несвесно се задушува испораката на стоки и пакети кои се предмет на онлајн трговија, единствениот сегмент за кој, како што потенцира, има консензус дека е темел за идниот развој на поштенските услуги.

„Останувајќи инертни на нашата иницијатива за подигнување на нивото за бесцарински увоз на стоки за лична употреба од страна на граѓаните, кои се купени онлајн, а доставени по поштенски пат, надлежните државни органи и нивните политики директно придонесуваат за ограничувањето на развојот на поштенскиот пазар, и тоа во сегментот кој е утврден за двигател на целокупниот прогрес на поштите во иднина“, истакнува Атанасовски.

Во врска со развојот на поштенскиот пазар, едно од прашањата од кои зависи е прашањето за неговата либерализација. Трендот на либерализација на поштенскиот пазар во западните земји, вели адвокатката Марта Гусар, е започнат уште во раните 90-ти години и либерализацијата придонесе за енормна успешност во работата на овој пазар, особено за националниот поштенски оператор.

Под либерализација на поштенскиот пазар се подразбира целосно отстранување на бариерите за влез на поштенскиот пазар, подобрување на конкурентноста, подобрување на квалитетот на поштенската услуга и, секако, исклучување на монополот во областа на поштенскиот пазар.

Либерализацијата, исто така, подразбира целосна структурна промена во рамки на националниот оператор, подобрување на квалитетот на услугата, како и соочување на националниот оператор со конкурентност, што подразбира отворање на вратите за приватните поштенски оператори, што ќе придонесе за подобрување на сопствениот квалитет на работа, а и за подобрување на деловната соработка со приватните оператори. За либерализацијата, вели адвокатката Гусар, неопходно е подобрување и изменување на регулативата и неопходна е волја таа да се примени.

М.В