/ Прочитано:

981

МЕЃУНАРОДНА РАБОТИЛНИЦА ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ: Зголемена свеста за правото на приватност

Вторник, 7 октомври 2014 – Правото на приватност на интернет и објавување на податоци за цели на судските постапки – правото на фер судење, Прекумерна збирка на лични податоци и рамнотежа помеѓу правото на заштита на личните податоци и правото на пристап до јавни документи, Прекумерно собирање на лични податоци од компаниите за издавање недвижнини; Мониторинг на јавни место од страна на камера инсталирана во возило… – се само дел од темите кои се разработија на меѓународната Работилница за постапување по случаи (Case Handling Workshop) чиј домаќин во Скопје е Дирекцијата за заштита на личните податоци на РМ (ДЗЛП).

Работилницата, која е од затворен тип, е серија на настани што се организираат од органите за заштита на податоци, еднаш  годишно во различни земји-домаќини, со цел да се разменат идеи, искуства, знаења, информации за практични прашања на оперативно ниво. Оваа година Дирекцијата за заштита на личните податоци е домаќин на  претставниците на органите за заштита на податоците на меѓународно ниво од земјите: Германија, Швајцарија, Унгарија, Кнежевство Монако, Луксембург, Велика Британија, Шведска, Норвешка, Италија ЕУ, Европската комисија и Европскиот супервизор за заштита на податоците кои се редовни учесници.

„Приклучувајќи се кон европските модерни текови, споделувајќи ги случаите и искуствата сметаме дека ќе излеземе и поефикасни и прационални и побрзи во постапувањето со справувањето на феноменот на повреда на правото на приватност особено во делот на бројот на претставки, пред се, во однос на социјалните мрежи“, рече директорот на директорот на ДЗЛП, Димитар Ѓеорѓиевски, на прескоференција за новинарите и појасни дека учесниците презентираат конкретни случаи кои се карактеристични за одделните земји. 

Фактот што ова е трет меѓународен настан кој ДЗЛП го организира, за  првиот човек на државното тело за заштита на личните податоци, претставува признание од меѓународната заедница за сето она што Македонија го прави во однос на реформите на легислативата за заштита на лични податоци која е на прагот на усвојување на новата верзија на почетокот на 2015 година.

„Користејќи ги искуствата на колегите од Европа ние  подготвивме и наш предлог за измени и дополнувања на матичниот Закон за лични податоци и во Македонија, кој веќе е во процедура во Министерството за правда и очекуваме да биде исто така усвоен до крајот на оваа година.  Со него се предвидуваат доста крупни измени меѓу кои: спроведување на онлајн инспекција, потоа ревизија на заштита на лични податоци и се разбира ќе работиме на поголема самостојност на органот со цел да бидеме што подостапни за граѓаните… Најбитно, секако ќе работиме на транспарентноста, а ќе воведеме механизми за зголемувањето на јавната свест, особено кај ранливите категории луѓе кои најмногу поднесуваат претставки до  Органот за заштита на лични податоци“, изјави Ѓеорѓиевски.

Тој појасни дека акцентот од страна на ДЗЛП овој период најмногу е ставен врз образованието бидејќи се смета дека од најраната возраст може да се даде правилна информација, но и механизми за превенција и заштита за сите кои се засегнати од прашањето за повреда на приватноста. 

Сѐ поголем број на претставки до ДЗЛП 

Според статистиката на Дирекцијата, годинава бројот на преставки е поголем од лани, односно овој број заклучно со октомври го надминува бројот  на вкупниот бројот од 404 преставки добиени во 2013 година.

„Бројот на претставки континуирано се зголемува. Ние ова го темелиме на фактот дека се зголемува јавната свест кај граѓаниите за тоа што е личен податок, кога се смета за загрозено и повредено правото на приватноста, но и до која институција треба да ги адресираат своите преставки кога сметаат дека правото им е загрозено“, истакна Ѓеорѓиевски .  

Претставничката од Европското независно тело за супервизија на заштитата на лични податоци, Марија Вероника Перес Асинари,  посочи дека особено значење и се посветува на оваа мрежа бидејќи таа е многу релеватна за размена на искуства и практикување. Ова тело, како што појасни,  ја набљудува работата на европските институции и тела во однос на заштитата на лични податоци.

Перес Асинари посочи три случаи од областа на заштитата на личните податоци кои се водат пред Европскиот суд за човекови права тоа против Австрија, Германија и Унгарија. Во одлуките како што рече се нагласува потребата за поголема независност на овие тела за заштита на лични податоци. Таа ја спомена и пресудата на овој Суд за гигантот Гугл,  која им овозможува на Европејците да побараат отстранување на своите лични податоци од резултатите на пребарувањето на интернет.

Хрватска: Бројни преставки за откривање лични податоци на интернет

Бранка Бет Радилиќ, началник во хрватската Агенција за заштита на лични податоци, која исто така беше дел од оваа Работилница, вели дека Хрватите  најчесто се жалат, односно поднесуваат преставки за откривање лични податоци на интернет, потоа преку видео надзор, обработка на биометриските лични податоци, обработка на личните податоци за маркетиншки цели и сл.

„Во однос на видео надзорот тоа мора да биде исклучиво во согласност со Законот за работните односи, односно подазаконските акти… Што се однесува на повредата на биометриските лични податоци со собирање на отисоци како контрола за присутност на работа тоа  исто така мора да биде регулирано со подзаконски  акт или со писмена согласност на работниците за обработка на такви податоци. Во спротивно работодавачот е должен да обезбеди алтернативен начин на проверка на работниците“, вели Радилиќ.

Е.П. / pavlovskae@akademik.com.mk