/ Прочитано:

1.929

ДЗЛП: Јавна консултација за нацрт-документот на Стратегијата за заштита на личните податоци (2017 – 2022)

Нацрт-стратегијата е изготвена во рамките на проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“, со отворено учество на лидери и експерти од Дирекцијата за заштита на личните податоци и во тесна соработка со работната група за стратегија на Дирекцијата, со користење на сугестии и коментари на лицата назначени за заштита на личните податоци и на другите заинтересирани страни.

Дирекција за заштита на л п

Дирекцијата за заштита на личните податоци соопшти дека ќе спроведе консултација со јавноста во однос на нацрт-верзијата на „Стратегијата за спроведување на правото на заштита на личните податоци 2017 – 2022“. Од ДЗЛП нагласуваат дека станува збор за втор стратешки документ за состојбите и активностите планирани во предвидениот период, за целите кон кои се стреми Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и за визијата за комплетен и модерен пристап кон заштитата на човековото право за заштита на личните податоци.

„Воведовме нови предизвици и активности кои треба да се исполнат во наредниот период, имајќи ги предвид националните и меѓународните барања кои треба да бидат исполнети при располагање со основните начела на професионалност, транспарентност и квалификуван персонал во рамките на Дирекцијата. Ние предвидовме гаранција за приватноста на личните податоци, преку воспоставување на систем за превенција, почитување и разбирање на правата и обврските. Приватноста на податоците претставува поврзан однос со технологијата што се користи, собирањето и објавувањето на податоци, очекувањата на јавноста во однос на приватноста, како и правно-политички прашања во нивното опкружување. Сепак, се чувствуваме најодговорни да укажеме дека ниту една личност или ентитет, нема да ги види резултатите од својата работа доколку целото општество не е фокусирано и вклучено во остварувањето на очекувањата преку прифаќање на обврските што настануваат во однос на заштитата на личните податоци во процесот на нивната обработка“ е наведено во нацрт-документот на ДЗЛП.

Нацрт-стратегијата е изготвена во рамките на проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“, со отворено учество на лидери и експерти од Дирекцијата за заштита на личните податоци и во тесна соработка со работната група за стратегија на Дирекцијата, со користење на сугестии и коментари на лицата назначени за заштита на личните податоци и на другите заинтересирани страни.

„Додека течеше подготовката на овој документ, неколку глобални трендови кои влијаат на механизмот за заштита на личните податоци беа земени предвид со цел да се биде на едно подготвително ниво за да се одговори на предизвиците на прашањата, како што се: глобалните трендови на дигитализацијата кои резултираа со сè поголемо вмрежено општество, со брзо ширење на информациите преку интернет, со обемна анализа на податоци, со е-маркетинг, со паметно живеење, со концепти на е-влада, со кооперативни бази на податоци; потоа континуираната глобализација која резултираше со зголемување на меѓународниот проток на податоци, дури и од лична природа; соочувањето со прашањата од националната и глобалната безбедност кое има сè поголема важност бидејќи тие влијаат и на сферата на приватноста на граѓаните; зголемувањето на степенот на важноста во однос на едукација на децата на правото за заштита на личните податоци; зголемените барања на заедницата и општеството за отчетност, транспарентност, кои уште повеќе ја зголемуваат контролата на надзорните органи, како и подобрување на соработката“, стои во нацрт-документот.

ДЗЛП информира дека главна цел на оваа јавна консултација е вклучување на сите релевантни државни органи, институции, организации од јавниот и од приватниот сектор, НВО и експерти заинтересирани за подобрување на состојбата на заштитата на личните податоци на физичките лица,  вклучени во контролирањето или обработката на личните податоци.

„Овој нацрт-документ е втор стратешки документ на Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија и претставува важен документ за состојбите и планираните активности во периодот за кој е предвидена, за стратешките цели кон кои се стреми Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и за визијата за комплетен и модерен пристап кон заштитата на човековото право за заштита на личните податоци“, се наведува во соопштението на ДЗЛП.

Нацрт-верзијата на документот можете да ја најдете на следниот линк.

Дирекцијата за заштита на личните податоци повикува да се испратат забелешки, коментари, сугестии најдоцна до 20 февруари 2017 година, на: info@privacy.mk.

„По затворањето на јавната консултација ќе се одржи национална јавна дебата по повод нацрт-текстот на Стратегијата. Врз основа на нацрт-верзијата, во фаза на подготовка е и акциски план,  кој ќе биде објавен во текот на консултативниот период“, информираат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

А. Б.