/ Прочитано:

1.299

ДЗЛП: „Како да си ја заштитиме приватноста на Фејсбук?“ – Водич за ИКТ на „Метаморфозис“

Сабота, 3 јануари 2015 – Дирекцијата за заштита на личните податоци во текот на 2014 година примила вкупно 370 претставки за злоупотреба на личните податоци, од кои 341 се завршени, а 29 се во тек.

Од Дирекцијата известуваат дека граѓаните минатата година имале најмногу поплаки за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи, односно за креирање лажни профили на Фејсбук или, пак, дека профилите им биле хакирани.

Компаративните податоци покажуваат дека има намалување на бројот на претставките од граѓаните до Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Во 2014 година до Дирекцијата биле доставени 370 претставки, во 2013 година – 404 претставки, а во 2012 година – 385 претставки.

„Намалувањето на бројот на добиени претставки се должи на зголемување на јавната свест за постоењето и значењето на правото за заштита на личните податоци“, посочуваат од ДЗЛП.

Од 1 јануари до 30 декември 2014 година, Дирекцијата добила 370 претставки, од кои 126 за креирање лажни профили на Фесјбук, 51 за злоупотреба на лични податоци од органите на државната управа, 45 за хакирани профили на Фејсбук, 24 за злоупотреби на Интернет, 13 за видео­надзор, 10 за креирање лажен профил на Фејсбук за малолетно дете и исто така 10 за другите социјални мрежи. Останатите претставки се однесуваат на злоупотреба на личните податоци во други сектори и области, меѓу кои има јавни служби, банки, штедилници, во делот на електронските комуникации, вработување, правосудство и од други области.

Водич за ИКТ на Метаморфозис: Како да си ја заштитиме приватноста на фејсбук?