/ Прочитано:

2.129

Ефективните политики за вработување ќе го запрат иселувањето на младите од Македонија

Периодот од завршувањето на образованието до вработувањето треба да се следи со огромно внимание и токму во овој дел треба да се спроведуваат соодветни мерки кои се однесуваат на разни дополнителни обуки и курсеви со кои ќе се оспособат младите да излезат подготвени на пазарот на трудот. Треба да се слушнат потребите на бизнис-заедницата, односно да се има точни информации за тоа каков кадар е потребен, а не да се продуцираат кадри за кои речиси и да нема слободни работни места.

Млади луѓе

Само ефективни програми и политики за вработување на младите можат да придонесат да запре бранот на иселување од Македонија, сметаат невладините организации кои подолго време истражуваат и бараат одговори на прашањата во врска со невработеноста во земјата и во врска со тоа кои се реалните потреби и на младите и на бизнис-секторот сè со цел да се подобри состојбата околу невработеноста. Голем процент на невработени млади луѓе има и во Европа, велат во НВО „Коалиција СЕГА“, и тоа токму во земјите членки на Европската Унија, каде што бројката се движи околу 5,5 милиони невработени, односно 23 отсто, а најголемиот број од нив се млади луѓе. Но, за разлика од кај нас, земјите членки на Унијата имаат развиено сеопфатни или системски мерки и програми за вработување кои ги спроведуваат целосно.

„Периодот од завршувањето на образованието до вработувањето треба да се следи со огромно внимание и токму во овој дел треба да се спроведуваат соодветни мерки кои се однесуваат на разни дополнителни обуки и курсеви со кои ќе се оспособат младите да излезат подготвени на пазарот на трудот. Треба да се слушнат потребите на бизнис-заедницата, односно да се има точни информации за тоа каков кадар е потребен, а не да се продуцираат кадри за кои речиси и да нема слободни работни места. Во нашите разговори и со претставниците од бизнис-заедницата и со млади невработени луѓе честопати доаѓаме до констатација дека сопствениците на приватни компании не можат да најдат работници, а од друга страна огромен број од младите се без работа. Но, тоа е така бидејќи младите што завршиле одреден степен на едукација немаат соодветно образование и соодветни вештини кои им се потребни на приватните компании. Треба да се сфати дека сè повеќе се бара технички, односно стручен кадар. Непостоењето на усогласеност во однос на ова прашање претставува навистина огромен проблем, вели Зоран Илиески, извршен директор на НВО „Коалиција СЕГА“.

Кон младите кои со години се во потрага со работа беа упатени и критики во однос на тоа дека не се доволно активни и дека немаат никакви иницијативи. Напротив, како што беше речено, тие едноставно чекаат да им се јават или од Агенцијата за вработување или од некоја невладина организација за да ги вработат.

„Постојат низа мерки кои подразбираат разни обуки, курсеви, стручни работилници, мерки за самовработување, но јас имам впечаток дека младите многу слабо покажуваат интерес за унапредување на своите вештини. Треба сите да разберат дека завршувањето одреден степен на образование не е доволно. Младите во високоразвиените земји се пример за тоа како да се излезе целосно подготвен за да се биде вистинска конкуренција на пазарот на трудот. Уште пред да почнат да бараат работа, тие постојано се надградуваат. Кај нас ситуацијата е сосема различна. Првото прашање на оние што преговараат за работа е колкава ќе им биде платата. Финансиите се навистина важни, но треба да се знае дека има дури и магистри и докторанди на кои им треба практична дообука за да се вклучат во работниот процес како што треба“, рече Синиша Пекевски, експерт за прашања од областа на вработувањето.

Од своја страна, пак, младите кои и по десетина години се пријавуваат како невработени во Агенцијата за вработување велат дека не располагаат со доволно информации за тоа како можат да се пријавуваат за разни обуки и едукативни курсеви за да ги унапредат своите вештини. Дел од нив пак кои учествувале во мерките што ги спроведува Владата за продуцирање стручен кадар појаснуваат дека досега немале голема корист од сето тоа, односно дека сè уште се без работа.

„Јас сум електро-машински техничар и откако завршив средно образование постојано се пријавувам во Агенцијата за вработување. Цели осум години  постојано сум во потрага по работа. Велат дека е потребен стручен, технички кадар. Еве, јас сум еден тие што имаат такво образование, па со години сум невработен. И не е точно дека не се интересираме доволно. Сум посетувал и обуки и курсеви, верувајте, ништо од тоа. Веќе имам свое семејство кое морам да го издржувам, па работам што било. Сериозно размислувам да заминам од Македонија додека сум млад, вели Рамиз Сулејмановски.

Од Агенцијата за вработување на Република Македонија, пак, велат дека со проектите што ги спроведува Владата, „Македонија вработува 1“ и „Македонија вработува 2“ досега се вработени повеќе од 23 илјади млади луѓе. Двата проекти беа иницирани со првиот законски проект „Вработување млади лица до 29 години“, кој на работодавците првпат им овозможи да вработат млади до 29 години, а да бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок на доход.

А. Б.