/ Прочитано:

1.475

Ефикасностa на управноправната помош и заштита на граѓаните

Во рамките на проектот „Следење на административната правда“, Центарот за управување со промени организираше стручна дебата „Ефикасност на управноправната помош и заштита на граѓаните “, на која беше презентиран и сеопфатниот извештај за работата на второстепените комисии и управните судови, кој го подготви професорот Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во ова истражување тој ја анализира работата на сите институции од системот на управноправна помош и заштита, и тоа:

  • Државната комисија за жалби по јавни набавки
  • Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен
  • Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка
  • Управниот суд
  • Вишиот управен суд.

Во извештајот е направен пресек на ефектите од функционирањето на секоја од овие институции, колкав обем на работа имаат, во кои области најмногу се жалат граѓаните, каков е процентот на усвоени и одбиени жалби и тужби.

Истовремено, извештајот содржи и податоци за просечното времетраење на процедурите, како и објективните и субјективни проблеми и пречки во работата на секоја институција поединечно.

Жалби и тужби пред комисиите и пред Управниот суд

Според истражувањето, процените се дека во државата има околу 100 000 предмети по кои се постапува на годишно ниво врз основа на некакво управно или административно барање на граѓаните до одредени институции. Против овие решенија се поднесуваат просечно околу 12-13 000 жалби.

Во однос на предметите поведени во управен спор пред Управниот суд , секоја година се поднесуваат помеѓу 13 000 и 15 000 нови тужби. Најголемиот дел од предметите, или околу 76 %, се соодветно решени, односно решението не е обжалено или против него понатаму не се води управен спор.

Во однос на исходот од жалбените или тужбените процеси, помеѓу 60-70 % од овие жалби и тужби се одбиени. Приближно истиот број е потврден со одлуките на Управниот суд.

Голем обем на работа на комисиите и  на Управниот суд

Повеќето комисии работат со навистина голем прилив и обем на предмети, но во најголем дел  работат вo законски предвидениот рок од 30 до 60 дена.

Единствено Управниот суд има многу висок просек во однос на денови по кои се одлучува и тој изнесува околу 250 дена годишно, што е навистина висок просек.

Во однос на Управниот суд, конкретно се случува за предмети за кои постапуваат 6 судии да работи само еден вработен во архива. Друг проблем со кој се соочуваат судиите е недостигот од стручни соработници кои би помагале во подготовката на материјалите и обработката на самите предмети.

Драматичен недостиг на мериторни одлуки

Во рамки на судовите, донесувањето мериторни одлуки, односно пресуди со полна јурисдикција е многу ретко. Тоа практично значи дека Управниот суд речиси секогаш ги враќа предметите на  повторно постапување до првостепениот, односно второстепениот орган. Најчесто оправдување на Судот е дека за мериторно одлучување им недостигаат списи и докази. Последица на ова е одолжување на постапките и повторно враќање на предметите и по неколку пати.

Неефикасност на каналите на комуникација

Меѓусебната комуникација помеѓу јавните институции што ги обезбедуваат услугите на граѓаните и правните лица и второстепените комисии, како и комуникацијата помеѓу второстепените комисии и Управниот суд – а понатаму и со Вишиот управен суд, е проблем кој треба итно да се реши бидејќи доставата на списите некогаш трае со месеци.

Забележани се случаи кога тужби за кои не е надлежен Управниот суд биле експедирани до надлежниот суд предоцна за предмет во кој бил предвиден законски рок од 60 дена за поднесување тужба.

Доставувањето списи честопати е проблем и за второстепените комисии во управна постапка кои, откако ќе примат жалба, треба да ги добијат целосните списи од страна на јавните органи. Овие канали на комуникација можат да се унапредат на повеќе начини, како со целосна и доследна примена на електронската комуникација така и со поголема контрола на одговорните лица.

Чести законски измени

 Честите измени во системските и секторските закони, со кои се додава, се менува или се одзема надлежност на институции, како и со кои се интервенира во рокови, во однос на стекнување или губење права внесуваат несигурност во системот на управноправна и управносудска заштита.

Добро би било во вакви случаи да има една координирана акција на ниво на повеќе институции од управната област кои би се запознале со новите измени и би создале заеднички толкувања, правилници или некаков водич за заедничка управносудска практика.

Респонзивност на системот

Вистинскиот одговор на прашањето каде најмногу треба да се работи за да се подобри квалитетот на услугите и да се подобри заштитата на граѓаните и на правните лица е зголемување на квалитетот на работата на самите институции што одлучуваат во прв степен по правата на граѓаните и правните лица.

Не сите реформи се прават со законски измени. Некогаш состојбите можат да се унапредат и со меки мерки. На пример, да се воспостави координативен механизам помеѓу сите даватели на јавни услуги, односно институции со јавни овластувања кои решаваат во управна постапка и институции преку кои се остварува правна заштита против нивните одлуки.

Врз основа на наодите на истражувањето, овој извештај содржи и повеќе предлог-мерки кои можат да помогнат за надминување на констатираните недостатоци:

  1. Создавање услови за доследна примена на законските механизми за извршување на пресудите на Управниот суд.
  2. Измени на Законот за управните спорови, со кои ќе се предвиди задолжително одлучување за самата управна работа, без да се враќаат предметите на повторно постапување пред управните органи (аналогно на членот 42-е од ЗУС).

Алтернатива: Измени на Законот за Судскиот совет, преку кои ќе се утврди дополнителен критериум за оцена на ефективноста на работата на управните судии: број на донесени мериторни одлуки при прво одлучување.

  1. Креирање на единствен систем на евиденција на податоци од значење за следење на управни постапки/ управни спорови, интегриран помеѓу неколку релевантни институции (интеринституционално поврзување), односно единствен централен електронски уписник.
  2. Проширување на можностите на „електронско сандаче“ или развој на единствена информациона околина за поднесување правни лекови (приговори, жалби) во управна постапка интероперабилна со АКМИС.
  3. Јакнење на човечките капацитети во административната/судската служба во комисиите и Управниот суд, по пат на мобилност (преземања).
  4. Квартални, полугодишни и годишни конференции помеѓу јавните институции кои обезбедуваат управноправна заштита.
  5. Учеството на Република Македонија, застапувана од Државното правобранителство на РМ, како странка во некои управни постапки (денационализација, приватизација) е контроверзно и предизвикува одолжување на постапките. Во овој правец, потребни се законски измени во соодветните закони.

М.В