/ Прочитано:

1.111

Ексградоначалникот на Охрид, Петрески, пуштен од притвор – понудил кауција од 285 илјади евра во недвижен имот

Вторник, 8 април 2015 – Поранешниот градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Александар Петрески, осомничен во случајот „Јагула“,  по пет месеци поминати во притвор, вчера попладне е ослободен од затворот во Шутка откако судот ја прифатил понудената гаранција, потврдуваат од скопскиот Кривичен суд за Академик.

Од Судот појаснуваат дека Петрески е пуштен со кауција од 285 илјади евра во недвижен имот.

Петрески, заедно со уште четиринаесет други лица, беше уапсен во акцијата „Јагула“ пред повеќе од четири месеци.

Според МВР, тие се осомничени за финансиски малверзации со кои стекнале противправна имотна корист преку јавни набавки и преку градежни активности и го  оштетиле буџетот на општината за околу 2 милиони евра.

На списокот на кривични дела за кои се осомничени се наоѓаат: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, перење пари, фалсификување или оштетување деловни книги, оштетување или повластување на доверители, примање поткуп и помагање.

Најголемиот дел од уапсените беа пуштени веднаш, додека на Петрески, кој е првоосомничен и на уште тројца негови соработници им беше одредена мерка притвор.

 Е. П.