/ Прочитано:

1.100

Експертска работилница на тема „Народниот правобранител – помеѓу нормативното и стварното“

Во рамките на проектот „Мрежа 23+“ на 27 ноември 2017, се одржа тематска експертска работилница на тема „Народниот правобранител – помеѓу нормативното и стварното“, на која се дискутираше за низа релевантни прашања поврзани со функционирањето на Народниот правобранител.

 На работилницата учествуваа: Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Велимир Деловски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО „Инфоцентар“ и Гордана Дувњак, новинарка.

Како што информираат од Хелсиншкиот комитет, дел од прашањата и дилемите кои беа поставени и детално разгледувани на работилницата беа:

  • Koи се клучните предизвици во остварувањето на проширените надлежности на Омбудсманот, во согласност со законските измени од 2016 година? Дали и како може да се постигне целосна финансиска независност на оваа институција во насока на негово целосно самостојно функционирање во практиката?
  • Може ли да се надмине проблемот со моменталната недоволна кадровска екипираност на Народниот правобранител и што треба да се стори во иднина во оваа насока? На кој начин може/треба да се зајакнат шесте регионални канцеларии?
  • Зошто можноста за изрекување на глоба и поведување дисциплинска, односно прекршочна постапка сама по себе не е доволна за да се осигури доследно придржување на надлежните државни институции до препораките на Народниот правобранител?
  • Кои се досегашните искуства на Народниот правобранител и на другите државни органи од нивната меѓусебна соработка и постапување по конкретни предмети?
  • На кој начин би се остварувала нововоспоставената надлежност на Народниот правобранител да постапува како „пријател на судот“ (amicus curiae)? Какви се првичните реакции на домашните судови во вакви ситуации?
  • Каков е односот на извршната и законодавната власт кон работата на Народниот правобранител и неговите годишни извештаи?
  • Постои ли можност за ефикасно остварување на надлежностите на Омбудсманот, и покрај буџетските и кадровските ограничувања?
  • Кои се предизвиците на националниот превентивен механизам?
  • Каква е интеракцијата на Народниот правобранител со граѓанските организации и постојат ли можности за нивно заедничко дејствување?
  • Дали постои можност за поефективно остварување на надлежноста на Народниот правобранител во делот на промоцијата на човековите права, без оглед на постојните ограничувања?
  • Колку е транспарентен Народниот правобранител во својата работа?
  • Каква перцепција има изградено Народниот правобранител во јавноста и дали граѓаните се запознаени со неговата работа?
  • Дали на Омбудсманот му е неопходна долгорочна комуникациска стратегија, портпарол или зајакнат тим за односи со јавноста?

Проектот „Мрежа 23+“ го спроведува Институтот за европска политика, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.

М.В