/ Прочитано:

895

„Екстра Меин“: Во нашите производи нема листерија, ќе бараме суперанализа

Петок, 8 август 2014 – Компанијата „Екстра Меин“ од Куманово негира дека во нејзините месни производи има листерија. Како што соопштуваат  оттаму, ќе бараат суперанализа во реномирана светска институција и на изолат и на типизација.

„Екстра Меин“ тврди дека сите производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 целзиусови степени, што загарантирано ја уништува бактеријата.

„Ќе ги почитуваме препораките на Агенцијата за храна и Министерството за здравство и активно ќе соработуваме со нив до откривање на вистинскиот причинител на болеста“, наведуваат од компанијата.

Менаџментот посочува дека мострата со бактеријата е пронајдена во производите во малопродажен објект, за кој компанијата не може да гарантира на кој начин биле чувани производите, дали била можна девакумација и дали во тој случај тие дошле во контакт со други производи кои ја содржеле бактеријата.

„Стоиме на располагање на сите заинтересирани страни да им дадеме увид во комплетната документација за да се уверат во транспарентното работење на нашата компанија“, додаваат од „Екстра Меин“.

По информацијата дека бактеријата листерија е пронајдена во производ на „Екстра Меин“, компанијата тврди дека од почетокот на годинава, според редовниот план за мострирање, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови (69 од машини и работни површини и 43 од работници). Сите резултати се негативни на присуство на каква било бактерија.

„Компанијата подлежи на константни контроли на квалитетот на производите и го има имплементирано и спроведува ХАЦЦП системот за контрола на квалитет. Поседуваме редовен план за мострирање готов производ, согласно со законските прописи, редовен план за земање брисеви, како и сопствен систем за контрола со помош на уред кој детектира присуство на органска материја. Трите вонредни контроли во нашата фабрика во изминатите десет дена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство на целокупната ХАЦЦП документација и хигиенотехничките норми во објектот не покажаа никакви неправилности. Сите земени брисови и мостри од Екстра Меин се негативни“, стои во соопштението од „Екстра Меин“.