/ Прочитано:

1.594

ЕПИ: Неопходно е зајакнување на судската прекугранична соработка во регионот

Од голема важност зајакнувањето на соработката меѓу државите, кога станува збор за судската соработка, особено во делот на слободниот пристап до информации за спроведување на прекугранично извршување, како и спроведување на стечајните постапки со странски елементи. Ваква соработка мора да постои и при преземањата и спојувањата на трговските друштва бидејќи речиси секогаш се работи за различни постапки кои не секогаш ги спроведуваат судовите. Сето ова е одличен предуслов, пак, за понатамошниот процес на евроинтеграција на државите од регионот. Главен заклучок на ЕПИ е дека во Република Македонија не постои систематско следење на овие области

БАЛКАН МАПА

Институтот за европски политики (ЕПИ) организираше дебата за јавните политики за судската соработка за слободен пристап до информации, прекугранично извршување и прекугранични постапки за стечај, преземање и спојување, која е во рамките на проектот „Следење на владеењето во областа на правдата“, изработен од страна на ЕПИ. Целта на овој проект е да се воспостави механизам со кој граѓанските асоцијации кои работат на ова поле полесно ќе можат да ја следат реализацијата на Стратегијата на ЈИЕ 2020, чија цел е подобрување на условите за живеење во регионот и повторно ставање во фокусот на оние прашања кои се однесуваат на конкурентноста и развојот во земјите.

„Сметаме дека е од голема важност зајакнувањето на соработката меѓу државите, кога станува збор за судската соработка, особено во делот на слободниот пристап до информации за спроведување на прекугранично извршување, како и спроведување на стечајните постапки со странски елементи. Ваква соработка мора да постои и при преземањата и спојувањата на трговските друштва бидејќи речиси секогаш се работи за различни постапки кои не секогаш ги спроведуваат судовите. Сето ова е одличен предуслов, пак, за понатамошниот процес на евроинтеграција на државите од регионот. За жал, нашиот главен заклучок е дека во Република Македонија не постои систематско следење на овие области“, вели Лепосава Огњаноска од Институтот за европски политики.

Според анализата на ЕПИ, во нашава земја во моментов не може да се дојде до официјална информација за спроведување на некое прекугранично извршување, пред сè, поради фактот дека таквите постапки се во рамките на приватното право. Но, исто така, како што велат, нема официјални информации и поради тоа што извршувањето на странските судски пресуди го спроведуваат извршители кои се лица што вршат јавни овластувања, именувани од министерот за правда.

„Доколку некој доверител се стекнал со одлука на странски суд, одлуката може да се спроведе во Република Македонија доколку ги исполнува претпоставките за признавање утврдени со закон или меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија. Значи, единствен извор на информација во случај на прекугранично извршување на територијата на нашата земја е Комората на извршители, која би требало да ги следи ваквите случаи, пред сè, од аспект на ефикасноста на извршувањето и јавното објавување информации“, вели Огњаноска.  

Оскудни се и информациите за судската соработка на Македонија со судовите во регионот, кога станува збор за случаите на преземање, спојување на фирми, но и стечај и ликвидации.

„Во изминативе неколку месеци, во однос на оваа проблематика (преземање фирми) познати се само два случаи за кои пишуваа медиумите, а едниот од нив е обидот за преземање на АД „Макпетрол“ од страна на „Балкан петролеум холдинг лимитед“ – кипарска компанија која преку оглас во медиумите објави намера за преземање на македонската нафтена компанија. Она што ѝ е познато на јавноста е дека Комисијата за хартии од вредност, на седницата одржана во септември, донесе Заклучок за прекинување на постапката поведена по барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на АД „Макпетрол“, поднесено од страна на „Балкан петролеум“. Како што извести Комисијата, постапката е прекината поради решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган, по што ќе биде продолжена“, истакна Огњаноска.

Миодраг Ѓорѓевиќ, судија во Врховниот суд на Република Словенија, кој е регионален експерт во оваа област, истакна дека Македонија има навистина одлична законска регулатива во однос на овие прашања, но, според него, тие не се спроведуваат во целост. Смета дека подобрувањето на судската соработка во слободниот пристап до информации, спроведувањето на прекуграничното извршување и прекуграничната постапка во стечај, преземања и спојувања, бара од повеќе институции во Република Македонија поажурно да ги спроведуваат активностите во оваа сфера, а доколку нема резултати, како што вели, ќе мора нешто да се менува, да се преземаат други активности кои ќе придонесат за позитивни резултати.

„Овој регион е географски неделив и мора да постои соработка, особено во областа за која говориме денес. Земјите ќе мора да продолжат за преговараат, да потпишуваат договори за судска соработка, односно за меѓународна правна помош. Сметам дека ќе треба да се воспостави и база на податоци и сеопфатна статистика за следење на случаите кои се однесуваат на прекуграничната судска соработка“, истакна Ѓорѓевиќ.  

А. Б.