/ Прочитано:

886

Судот во Сеул ја забрани продажбата на некои од производите на Епл и Самсунг

Петок, 24 август 2012 – Епл и Самсунг мора да престанат со продажба на некои смарт телефони и таблет комјутери во Јужна Кореја и да платат оштета еден на друг за прекршување на правата кои произлегуваат од патенти, одлучи судот во Сеул денеска, пренесува Блумберг. 

Според пресудата, Епл мора да престанат со продажба на Ајфон 3ГС , Ајфон 4, Ајпад 1 и Ајпад 2 во Јужна Кореја, додека Самсунг мора да престанат со продажба на 12 производи, вклучувајќи ги и  Галакси С, Галакси С II и Галакси Таб. Оштетата која Епл треба да му ја плати на Самсунг изнесува 35.000 долари,  а корејската компанија на својот ривал треба да му плати 22.000 долари.

Забраната за продажба стапува веднаш на сила, иако компаниите можат се жалат на оваа одлука. 

„Ја поздравуваме денешната одлука, што ја потврдува нашата позиција дека Епл ги користела нашите права кои произлегуваат од патентите за мобилни телекомуникациски стандарди без да ги добие потребните дозволи. Одлуката, исто така го потврди нашиот став дека една компанија не може да ги монополизира генеричките карактеристики за дизајн на своите уреди“ , соопшти Самсунг по завршување на рочиштето.

Според корејскиот економски аналитичар Ким Хиунг Сик, влијанието на забраната нема да биде големо, бидејќи се работи за производи кои неодамна беа пуштени на пазарот. Според него, предметот кој се води во Америка и пред разрешница е оној големиот, каде и неутрална пресуда може да значи победа за Самсунг.

>> Судир на титаните: Судската битка Епл против Самсунг што се води во Калифорнија пред разрешница

Овие две компании се тужат на 4 континенти. Тие меѓусебно се обвинуваат за копирање на производи, дизајн и технологија, борејќи притоа за доминација на пазарот на смарт телефони, што според „Блумберг“  се проценува на 219 милјарди долари.