/ Прочитано:

2.010

„Епл“ започнува кампања за борба против лажните вести: Напори за справување со лажни вести во светот и во Македонија

Епидемијата на лажни вести претставува сериозен проблем во најголем дел од светот, поради што е потребно владите на државите да дејствуваат со конкретни мерки против ова зло, во соработка со технолошките компании. Компаниите мора да создадат алатки со кои ќе се сузбие објавувањето на лажните вести. Според технолошкиот гигант „Епл“ потребна е кампања слична на оние кои ги променија ставовите за животната средина, сè со цел да се едуцира јавноста за заканите што доаѓаат од фабрикуваните онлајн приказни. Во Македонија до крајот на март оваа година, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ спроведува проект за зајакнување на медиумите – Сервис за проверка на факти од медиумите. Оттаму велат дека граѓаните имаат право на објективни вести и информации засновани на факти и професионални новинарски стандарди.

Директорот на технолошкиот гигант „Епл“ Тим Кук ги повика владите ширум светот да започнат кампања за подигнување на свеста кај јавноста за борба против пласирањето лажни вести кои, според Кук, ги убиваат човечките умови.

Во интервју за „Дејли телеграф“, Кук нагласи дека епидемијата на лажни вести претставува сериозен проблем во најголем дел од светот, поради што е потребно владите на државите да дејствуваат со конкретни мерки против ова зло, во соработка со технолошките компании. Компаниите мора да создадат алатки со кои ќе се сузбие објавувањето на лажните вести.

„Минуваме низ период кога, за жал, одредени личности се обидуваат да добијат најмногу прегледи, односно „лајкови“ на социјалните мрежи, на разни портали, на веб-страници, без разлика дали ја говорат вистината или не, што е поразително и мора заеднички да се избориме против тоа“, порача Кук.

Поимот „лажни вести“ првично беше осмислен во насока да се објавуваат онлајн приказни чија цел е да привлечат што поголем број читатели. Потоа ваквите приказни, кои најчесто се пропаганда и кои се во служба на политички кампањи, се споделуваат на Фејсбук и на останатите социјални мрежи за да генерираат профит за креаторите. Измислените прикази со наслови како: „Папата Францис го шокираше светот со тоа што го поддржува Доналд Трамп за претседател“, заработуваат милиони прегледи ширум светот.

Она што загрижува, како што вели Кук, е што посетителите на веб-страниците и на порталите не можат да направат разлика меѓу официјалните, односно легалните извори на информации и оние лажните.

„Ни треба современа верзија на кампања за подигнување на јавната свест за овој проблем, а тоа може да се направи многу брзо ако сите имаат силна волја да го сторат тоа. Можеме да го запреме овој феномен многу успешно, но треба да внимаваме да не ги загрозиме слободата на говорот и медиумите“, истакна Кук за „Дејли телеграф“.

Кук повика на започнување кампања слична на оние кампањи кои ги променија ставовите за животната средина, сè со цел да се едуцира јавноста за заканите што доаѓаат од фабрикуваните онлајн приказни, нагласувајќи дека процесот мора да има масовни размери и дека ваквите активности мора да започнат уште во училиштата.

Проблемот со пласирање лажни вести со цел стекнување поголема популарност во јавноста се актуализираше за време на претседателската кампања во САД и токму поради тоа голем број Американци сметаат дека победата на Трамп се должи на лажните вести. Од овие причини повеќе медиуми од Холандија, Франција и Германија, европски држави кои се во изборна година, минатиот месец склучија Договор со Фејсбук за да го сузбијат пласирањето лажни вести.

Проектот кој веќе го започнаа предвидува платформа слична на онаа што беше иницирана во декември во САД со пет американски медиуми – „Еј-би-си њуз“, Еј-пи“, „Фактчек.орг“, „Политифакт“ и „Снопс“. Оваа платформа им дозволува на корисниците да ја следат веста сè до нејзиниот извор и ако сметаат дека е лажна, да ја пренесат на платформата. Медиумите што учествуваат во проектот потоа можат да ја проверат веста.

Доколку утврдат дека веста е лажна, во тој случај кај корисниците на социјалните мрежи ќе се појави посебна ознака со која се означува дека е лажна. Во моментот кога корисникот ќе сака да ја сподели веста на својот профил, ќе му се појави напомена да внимава.

Истовремено, и најголемиот пребарувач „Гугл“ од својата платформа отстрани речиси 200 веб-страници за кои утврди дека шират лажни вести. Ваквата активност „Гугл“ ја спроведе во обид да ги спречи понатамошните измами, штетни кодови и реклами во текот на оваа година. Компанијата соопшти дека секоја од овие страници сега е трајно блокирана од рекламирање на „Гугл“, што е сериозна казна со оглед на тоа што голем дел од веб-страниците заработуваат исклучиво од рекламирање.

Во Македонија до крајот на март оваа година, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ спроведува проект за зајакнување на медиумите – Сервис за проверка на факти од медиумите.

Оттаму велат дека граѓаните имаат право на објективни вести и информации засновани на факти и професионални новинарски стандарди.

Проектот има за цел да им овозможи на граѓаните на Македонија да бараат поголем отчет од медиумите, како и да им помогне на новинарите во спроведувањето на нивните професионални стандарди преку обезбедување онлајн алатки и ресурси за јавна едукација и за подигнување на јавната свест. Намената на онлајн Сервисот за проверка на факти од медиумите е зголемување на побарувачката на граѓаните за објективни вести и информации засновани на факти и професионални новинарски стандарди.

Раководителот на проектот Филип Стојановски вели дека еден новинарски текст кој спаѓа во групата информативни жанрови треба да се темели на факти за да ја оправда својата основна намена – да го информира читателот. Потоа тие факти мора да бидат точни и веродостојни.

„Најголемиот дел од над четири илјади објавени написи досега се новинарски рецензии со кои се испитува дали се испочитувани професионалните новинарски стандарди при објавување на конкретни вести. Методологијата која се применува се темели на новинарските кодекси, при што прво се испитува вистинитоста на рецензираните вести. Исто така, се укажува на примената на новинарските стандарди од неколку други аспекти – од тоа дали и какви извори има текстот, до присуство на говор на омраза или дискриминација, до технички аспекти, како што се квалитет на насловот или фотографијата.

Веб-страницата proverkanafakti.mk служи како архива на сите овие содржини, кои истовремено паралелно, по сопствен избор, ги објавуваат и околу дваесетина медиуми чии уредници сметаат дека треба да дадат придонес во развојот на медиумската писменост и во поттикнувањето на јавната дебата за квалитетот на медиумското известување. Допир со граѓаните се остварува и преку социјалните мрежи, на кои имаме десетици илјади следбеници. Тие не само што можат да ги користат написите за да проверат дали одредени вести биле точни, туку и уште поважно можат да го зголемат знаењето за новинарските стандарди и со тоа самите да можат да препознаваат и да демаскираат медиумски манипулации, но и да оддадат признание на позитивни примери. Нашето најважно искуство во врска со спротивставувањето на напливот на лажни вести и други манипулации е дека е потребно зголемување на знаењето на граѓаните, како и развој на механизми за граѓанско учество. Знаењето се однесува и на точноста на фактите, но и на развојот на способностите за критичко размислување и за разбирање на улогата на новинарите и професионалните стандарди. За ова, покрај поддршка на професионалните медиуми и спроведување на законите (меѓу кои и Кривичниот законик, кој забранува говор на омраза), потребни се и подобрувања на системот за формално образование, како и неформално образование, на пр. преку јавниот сервис“, појаснува Стојановски.

Истражувањето на „Метаморфозис“ преку анкета на репрезентативен примерок покажува дека голем дел од граѓаните ги препознаваат медиумските манипулации, но ретко реагираат јавно, било преку коментари на социјалните мрежи (7 %) или со обраќање до медиумите или до други институции (3 %). Речиси половина граѓани (49 %) велат дека би се охрабриле јавно да реагираат доколку забележат прекршување на новинарските и етичките стандарди кај медиумите ако знаат дека нивниот глас ќе биде слушнат, додека 25 % од граѓаните не реагираат поради страв од последици.

„Затоа, покрај медиумската писменост и солидарноста со професионалните новинари, важно е да се гради демократска култура во која граѓанинот и неговите права се на прво место, што е и фокус на напорите на „Метаморфозис“, вели Стојановски.

А. Б.