/ Прочитано:

1.233

БОГДАНОВ: Со уставната жалба, граѓаните многу побрзо би дошле до правдата

Уставната жалба, на барање на Советот на Европа, ја воведоа речиси сите држави во регионот, а идејата е да добиеме ефикасен правен лек за најголемиот број на права и слободи загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Прво, граѓаните условно би дошле многу побрзо до правдата отколку да чекаат со години во Стразбур, второ, Уставниот суд ќе има ексклузивна можност да воочи веднаш од поединечен предмет пред него и наводите во истиот, дали определено законско решение на кое се жали граѓанинот, како општ акт, е во согласност со Уставот и правата загарантирани во него, вели во интервјуто за Академик, владиниот агент Костадин Богданов. Тој меѓудругото се осврнува и на последната пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со која се утврди дека земјава неосновано ги држела во притвор браќата Димитрија и Ѓорѓи Миладинов, обвинети во аферата „Изгрев. Судот веќе вторпат порачува дека не е доволно само да се цитираат законските основи за притвор или да се даваат површни претпоставки од страна на домашните судови, туку дека треба да се изнесат конкретни причини, истакнува Богданов.

Дали сметате дека е зголемена свеста кај граѓаните за постоењето на можноста да се бара меѓународна судска заштита по исцрпување на сите домашни правни лекови?

Досега трендот на поднесени апликации до Судот во Стразбур беше и останува, заклучно со 2013 година, околу 450-500 апликации годишно. Не очекувам рапидно зголемување на бројот на жалби од причина што до такво нешто може да дојде само доколку постои некој системски проблем, законско решение, кое ќе засега поголем број граѓани и истовремено ќе биде спротивно на Конвенцијата. Секако за да не дојде до такво нешто, ние како Биро и како Министерство за правда презедовме два клучни чекори во таа насока. Прво, инициравме измена во Деловникот за работа на Владата на РМ преку која Бирото доби надлежност да дава мислење по сите предлог-акти кои се доставуваат до Владата на усвојување, а кои истовремено ги допираат правата и слободите загарантирани со Конвенцијата во смисла на тоа дали како општи акти се во согласност со Конвенцијата, од една страна, и, од друга страна, а како што е веќе познато во јавноста,  исто така се иницираа уставни измени, особено во делот на воведувањето на уставната жалба за повреда на уставно загарантираните права, што би требало дополнително – на среден и долг рок – да го намали бројот на жалби до Стразбур. 

Очекувате ли дека евентуалното воведување на уставната жалба ќе ја унапреди заштитата на човековите права во земјава, особено што и сега постои можност за барање за заштита на слободи и права од Уставниот суд, и како истата би се одразила на належноста и работата на Уставниот суд?

Уставната жалба, на барање на Советот на Европа, ја воведоа речиси сите држави во регионот, а идејата е да добиеме ефикасен правен лек за најголемиот број на права и слободи загарантирани со Конвенцијата, освен за правото за судење во разумен рок, кој и понатаму ќе остане пред Врховниот Суд на РМ со оглед на фактот дека ЕСЧП го прифати веќе како ефикасен, односно да му овозможиме на нашиот Уставен суд преку директна примена на јуриспруденцијата на ЕСЧП, да ги санира сите евентуални повреди во краток рок и на домашен терен. Во моментов Уставниот суд на РМ, барем теоретски, овозможува заштита од повреда на четири права кои се заштитени со Уставот, а кои истовремено се заштитени и со Конвенцијата. Идејата за уставната жалба  се заснова на принципот на супсидијарност кој го бара Советот на Европа, а тоа е домашните проблеми од сите области кои ги покрива Конвенцијата и протоколите да се решаваат дома. Кај нас, во нашиот правен систем имате области за кои или нема правен лек, или предвидениот правен лек е неефикасен, па така апликантите директно се жалат во Стразбур. Карактеристична ситуација е на пример кога повредата може да настане во постапка пред Врховниот суд на РМ, бидејќи во тој случај правен лек нема. Идејата е за сите жалбени наводи по определено прашање пред да се изнесат во Стразбур, да се остави можност Уставниот суд да ја ремедира состојбата на домашен терен. Практично, и најголемиот број права и слободи опфатени со Конвенцијата се заштитени и со нашиот Устав. Прво, граѓаните условно би дошле многу побргу до правдата отколку да чекаат со години во Стразбур, второ, Уставниот суд ќе има ексклузивна можност да воочи веднаш од поединечен предмет пред него и наводите во истиот, дали определено законско решение на кое се жали граѓанинот, како општ акт, е во согласност со Уставот и правата загарантирани во него.

Дополнително сметам дека е многу полесно би се усовршиле неколку судии и стручни соработници во однос на конвенциското право, отколку од целокупното судство во РМ да се бара детално познавање не само на Конвенцијата туку и на јуриспруденцијата на Судот од Стразбур. Конечно, праксата која ќе ја генерира нашиот Уставен суд во делот на човековите права ќе биде многу „по прифатлива“ за домашните актери особено за судиите од редовното судство бидејќи ќе се базира на домашни околности и во „реално време“. Надоградбата на судиите врз основа на пресуди против други држави и околности кои не секогаш се релевантни за нашето општество, се покажува дека оди далеку потешко.

За изрекување на притвор треба да се дадат конкретни причини, а не површни претпоставки

Каква е статистиката годинава за Македонија, односно заклучно со септември, во поглед на пресуди со кои Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на правата загарантирани со Конвенцијата и дали може да издвоите некој поспецифичен пример?

Годинава може да се пофалиме со солидна статистика во поглед на донесените пресуди против државата. Имено, Еропскиот суд донесе вкупно четири пресуди од кои во две констатираше повреда на правата загарантирани со Конвенцијата, додека во останатите две не најде повреда. Тука би го издвоил предметот на браќата Миладинови во кој Судот утврди повреда на правото на слобода – членот 5 од Конвенцијата – во делот долготрајниот притвор. Во овој контекст треба да се напомене дека е ова веќе втора пресуда по ист основ против државата, односно првата беше во случајот на Василковски и други или кај нас познат како „Змиско Око“. Европскиот Суд и во овој предмет сметаше дека решенијата за континуирано продолжување на притворот на жалителите не содржеле доволно образложени причини кои би го оправдале долготрајниот притвор, па следствено на тоа, дека се произволни. Практично, Судот веќе вторпат порачува дека не е доволно само да се цитираат законските основи за притвор во самите решенија или да се даваат површни претпоставки од страна на домашните судови, туку дека треба да се изнесат конкретни причини, а во согласност со индивидуалните карактеристики на секое лице, зошто некоја од поблагите мерки за обезбедување не е применлива врз него, па мора да се оди со најстрогата. Оваа „вежба“ од најблаго кон најстрого мора да ја применуваат судиите кои одлучуваат во овие предмети, па и обвинителите кои ја предлагаат мерката во своите барања. Конечно, тоа го наложува и новиот ЗКП. Во секој друг случај решенијата за притвор изгледаат шаблонски и оставаат впечаток на произволни. Ова особено важи за решенијата со кои се продолжува притворот во повеќе наврати, бидејќи како изминува времето се потешко е да се оправда притворот.

Зошто и покрај ваквите укажувања на Судот, мерката притвор е правило, а  не исклучок?

Често знаеме да им укажеме на судиите за време на обуките дека бројот на страници на притворското решение е правопропорционален со бројот на месеци поминати во притвор. Односно ако иницијалниот притвор може да се изрече со решение од една страна образложение, тогаш после десетиот месец решението за притвор треба да содржи најмалку десет страници добро образложени причини….

Како дополнителен проблем со членот 5 од Конвенцијата се јавува и постапувањето на Апелационите судови по жалбите на притворските решенија кои најчесто имаат пракса да одлучуваат по неколку недели од поднесената жалба, па најчесто се случува да одлучат истовремено кога обвинетиот ќе го добие следното решение за продолжување на притворот. Ваквата пракса е спротивна на Конвенцијата со која се бара ефикасно и брзо постапување по жалбите. Со оглед дека се работи за „автоматско“ продолжување на притворот потребно е повисоките судови да постапуваат во рокови не подолги од 5-7 дена во овие случаи. Во спротивно се губи суштината на жалбата ако вие добиете одговор непосредно пред или истовремено кога ви завршил притворот, односно кога сте добиле ново решение за продолжување на притворот.

Конечно, а во согласност со начелото на контрадикторност на постапката, преку пресудата на Миладинови, Судот од Стразбур испрати порака до државата дека при секое продолжување на притворот по изминати 30 дена, судијата кој го продолжува притворот треба да му даде можност на осомничениот/обвиниетиот лично да се произнесе по барањето за продолжување на притворот, односно да му се остави можност пред судијата да ги изнесе сите аргументи кои одат во негова полза зошто не треба да се продолжи притворот.

Дали конечно е надминат долгогодишниот проблем со бројните предмети за неразумното траење на домашните постапки што се водат пред судот во Стразбур?

Во последните три години, бројот на решени предмети против Македонија од страна на Судот значително се зголеми. Ова пред сè се должи на фактот што најголемиот број на предмети кои беа доставени на произнесување до Владата во овој период се однесуваа на наводи за повреда на правото на судење во разумен рок – за постапки водени по старите законски решенија – и истите во најголем дел завршија со пријателски спогодби помеѓу Владата и апликантите. Имено, во ноември 2011 година, ЕСЧП преку одлуката во предметот Аџиспирковска и др. против РМ, зазеде став дека домашниот правен лек за судење во разумен рок пред Врховниот Суд на РМ, претставува во принцип ефикасен правен лек во смисла на членот 13 од Конвенцијата, односно лек кој потенцијалните жалители мора да го искористат во домашниот правен систем пред да се обратат во Стразбур. По таа одлука, ЕСЧП најпрво ги врати назад во државата сите предмети кои во тој момент се наоѓаа во Стразбур, а во кои жалителите се жалеа дека им било повредено правото на судење во разумен рок и кои се немаа обратено до Врховниот Суд, но кои сеуште имаа процесна можност тоа да го сторат. Истовремено, по сите оние предмети во кои жалителите ја немаа таа процесна можност – поради преклузивниот рок во Законот за Судови, околу 300 предмети-  Судот ја продолжи постапката и ни ги достави на одговор во последните две-три години во повеќе наврати. Овие предмети, а како што веќе напоменав, добија своја разрешница преку одлуки за пријателски спогодби со жалителите или унилатерални декларации од страна на Владата, без притоа да дозволиме да биде донесена пресуда од ЕСЧП против државата во ниту еден од тие предмети. Средствата на кои се обврзавме како Влада дека ќе ги исплатиме на жалителите по овие одлуки беа во целост и навремено исплатени.

На тој начин, практично, го затворивме долгогодишниот проблем со неразумното траење на домашните постапки пред ЕСЧП, и во иднина очекуваме бројот на предмети во кои ќе има содржано наводи за неразумно траење на постапките да се сведе на 5-10 годишно. Секако, во овој дел сме директно зависни и од понатамошната постапување на Врховниот Суд на РМ во примената на домашниот правен лек. Се додека домашниот правен лек функционира согласно или приближно на стандардите на Стразбур (особено доколку висината на правичната сатисфација е во приближен обем на она што би го досудил Стразбур) овие предмети ќе завршуваат дома. Би било вистинска штета доколку Стразбур ја доведе во прашање ефикасноста на овој домашен правен лек (а ризикот постои доколку оштетите се ниски) бидејќи на нас како држава ни требаа објективно повеќе од три години да ја докажеме неговата ефикасност започнувајќи од 2008 година кога се воведе во системот, па се до ноември 2011 година кога ЕСЧП ја донесе одлуката во предметот Аџиспирковска и др.

Колку според Вас  македонските судови  ја применуваат праксата на Европскиот суд  за човекови права?

Морам да кажам дека постои извесен напредок во последните неколку години што беше плод на нашата макотрпна работа како Биро во соработка со Академијата или со други органи. Но исто така морам да констатирам дека с ѐ уште сме на ниско ниво во однос на развиените земји во тој поглед, од причина што с ѐ уште кај некои од судиите постои дилема дали Конвенцијата е директно применлива, или поточно дали јуриспруденцијата на еропскиот Суд кој е единствен надлежен да ја толкува Конвенцијата, е директно применлива. Дополнителен проблем создава и фактот што најчесто обуките се вршат преку предмети против други држави кои по своите фактички околности не се толку релевантни за нашето општество. Искрено се надеваме дека со воведувањето на уставната жалба праксата на ЕСЧП, преку одлуките на нашиот Уставен суд кој задолжително ќе треба да ја применува, полесно и побрзо ќе допре до нашите судии од редовното судство.

Во насока на приближување на праксата на ЕСЧП до домашните судии преведовме голем број на пресуди на Европскиот Суд и истите се наоѓаат на веб страната на Министерството за правда. Исто така, а во соработка со Британската Амбасада и АИРЕ Центарот од Лондон креиравме сеопфатна дата база на сите преведени пресуди до сега на македонски, српски, хрватски, босански и албански јазик систематизирани по членови од Конвенцијата и фактички околности. Дата базата е широко достапна и може да се најде на следниов линк: www.ehrdatabase.org


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 12.09.2014