/ Прочитано:

715

ЕУ го премолчува „хематолошкиот и канибалски апетит“ на грчките војници и толерира говор на омраза

Понеделник, 11 август 2014 – Македонската Влада со соопштение реагираше на најновите видеоснимки од воена вежба на грчка специјална пешадиска единица објавени на Јутјуб, на кои војниците извикуваат и пеат националистички пароли, полни со омраза кон соседите на Грција. Реагираат и грчки пратеници. Ова не е во европскиот дух и соработка, велат тие.  Како што е познато, ова не  е првпат да се шири говор на омраза во грчката армија. Пред три години, пред видео објавата на „хематолошкиот апетит“ на грчки војници, во јавноста проструија видео докази за „дерење кожи и правење облека“, за што имаше и судски процес инициран од Хелсиншкиот комитет во Грција.

Реакција на грчки пратеници: Ова не е во европскиот дух

На најновото видео кое се појави деновиве на Јутјуб и на Фејсбук профилот на грчкиот пратеник на Сириза Димитрис Пападимулис, за време на недатумирана воена вежба на специјалци на грчката армија, се слушаат мотивирачки песни со стихови со омраза кон соседите: “Ќе им ја испиеме крвта на Турците, скопјаните и на Албанците…” На ваквото однесување на грчките војници реагира пратеникот Пападимулис и бара државата веднаш да реагира на скандалозното однесување на грчките војници, и, како што вели, министерот за одбрана Димитрис Аврамопулос треба веднаш да преземе мерки. Пратеникот Грегори Валијантос од Либералната партија, исто така е загрижен за ваквата практика на грчките војници и вели дека тоа не соодејствува со европскиот дух.

„Дали е ова духот на разбирање и соработка меѓу народите“, посочува грчкиот пратеник.

Исто така, Владата на Република Македонија најостро протестира за насилничкиот и заканувачки вокабулар кој го употребуваат грчките војници и кој е својствен, како што потенцираат, за некои дамнешни времиња.

Европската Унија го премолчува и толерира ова, а не би требало

„Ваквите чинови подгреваат меѓудржавна омраза. Владата ги презема сите дипломатски чекори за осуда на овој и ваквите слични настани во Република Грција, кои не придонесуваат за промовирање на добрососедството и духот на соработката”, соопшти вчера Владата.

Загрижува фактот што вакви недолични и нецивилизирани појави со години се повторуваат во Република Грција, а јавноста не се сеќава дека имало официјално извинување и оградување од властите. Веројатно, не им пречи кога Македонци, Албанци или Турци им ги оставаат парите како туристи, а надвор од тоа пеат дека ‘ќе им ја цицаат крвта'”, велат од  Владата, додавајќи дека Европската Унија го премолчува и толерира ова, а не би требало.

“Сведоци сме на прекумерни реакции за збиднувања во земјава, но редовно кога станува збор за ваков речник и настапи во Република Грција кои рефлектираат и промовираат насилнички национализам, се премолчува”, стои во соопштението.

Пред да пијат крв, сакаа да прават облека од кожи

Ова не е првпат грчките војници да шират омраза кон Македонците и другите соседи. Пред три години во Солун, на парадата по повод грчкиот национален празник, припадниците на воено-поморските сили на Грција извикуваа расистички слогани против Македонците, Албанците и Турците, скандирајќи меѓу другото „Тие се Скопјани, тие се Албанци, ќе си направам нова облека од нивната кожа“ .

Судски процес: Од 39-те обвинети грчки војници, двајцата беа осудени на условна казна и суспензија, а останатите ослободени

Двајца грчки офицери беа осудени за прекршување на анти-расистичкиот закон поради тоа што извикуваа дека ќе прават облека од кожата на Македонци и Албанци. Од 39-те обвинети грчки војници, двајцата се осудени на условна казна и суспензија од 3 месеци и 15 дена, а останатите ослободени затоа што на видеото не се гледаат јасно нивните лица. Поддржувачите на војниците специјалци пресудата ја оценија како нивен пораз. Судскиот процес беше започнат по тужба на Грчкиот Хелсиншки комитет и Панајотис Димитрас како негов претставник.

Инаку, за време на судењето во воениот суд во Пиреја еден од припадниците на ултрадесничарската ЛАОС во обид да го нападне физички адвокатот Тартис, го удрил Димитрас, кој стоел веднаш до адвокатот. Напаѓачот не бил казнет. Како што објаснува Димитрас, според сите правила, тужителите, одбраната, адвокатите и судијата треба се одвоени од публиката и заштитени со обезбедување за да не може да дојде до вакви инциденти. Револтирани се од тоа што не биле преземени дополнителни мерки да бидат заштитени. Бидејќи сето ова, според Димитрас, укажува на отсуство од фер судење и незаинтересираност да бидат заштитени од насилство во Грција, правдата ќе ја побараат надвор од државата, во меѓународните судови и организации и нивните напаѓачи од петокот ќе се соочат со последиците од меѓународна тужба.

Последниот ден од судењето од безбедносни причини и со објаснување дека судењето ја изгубила формата на фер процес, го бојкотираа подносителите на тужбата Панајотис Димитрас од Хелсиншкиот комитет и адвокатот Танасис Тартис. Во судницата од страна на тужителите беше присутен новинарот од „Елефтеротипија“ кој го сними видеото од извиците на грчките војници, додека пак за поддршка на војниците беше присутен пратеникот на Нова демократија, Панос Каменос, чиј обид да сведочи за грчките војници беше одбиен.

(М.В)