/ Прочитано:

2.008

ЕУ и Обединетото Кралство ги почнаа преговорите за Брегзит

„Денеска ги почнавме преговорите за регулираното повлекување на Велика Британија од Европската Унија“, изјави главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние. Првите формални преговори за процесот на Брегзит меѓу официјален Лондон и Европската Унија денеска официјално започнаа во Брисел, што претставува прво излегување на некоја земја членка од Унијата. Велика Британија беше дел од европскиот блок цели 44 години.

Првите формални преговори за процесот на Брегзит меѓу официјален Лондон и Европската Унија денеска официјално започнаа во Брисел, што претставува прво излегување на некоја земја членка од Унијата. Велика Британија беше дел од европскиот блок цели 44 години.

Дејвид Дејвис, британскиот државен секретар за Брегзит и Мишел Барние, главниот преговарач на Европската комисија, се договорија отпочнувањето на преговорите во согласност со членот 50 од Лисабонската спогодба да биде токму денеска, односно на 19 јуни, што е речиси една година од референдумот на кој 51,8 проценти од Британците се изјаснија за излегување од Европската Унија.

„Денеска ги почнавме преговорите за регулираното повлекување на Велика Британија од Европската Унија“, изјави главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, поздравувајќи го британскиот државен секретар за Брегзитот, Дејвид Дејвис.

Барние изјави дека се надева оти разговорите ќе доведат до утврдување на рокот во кој ќе се спроведуваат преговорите. Тој прецизира дека целта на оваа прва средба ќе биде определување на приоритетите и на програмата на преговорите. 

Дејвис, од своја страна, пак, нагласи дека Лондон сака да воспостави длабок и посебен однос со ЕУ и додаде дека ќе разговара со позитивен и конструктивен тон, нагласувајќи дека има повеќе работи што ги поврзуваат Европската Унија и Велика Британија од оние што ги раздвојуваат.

– Повеќе нешта нè поврзуваат, отколку што нè разделуваат, изјави Дејвис.

Според регулативата на Европската Унија, двете страни имаат рок до 29 март 2019 да постигнат договор за низа длабоко комплексни прашања, вклучувајќи ги и правата на граѓаните, финансиските обврски на Велика Британија кон ЕУ и граничните и царинските контроли. Обединетото Кралство врши притисок истовремено да се преговара за ново партнерство, чиј темел би бил цврст договор за слободна трговија.

Првата фаза од преговорите ќе биде посветена на постигнување договор за три приоритети за 27-те други земји членки на Унијата, кои се однесуваат на судбината на европските граѓани, кои живеат во Велика Британија и на Британците кои живеат во ЕУ, потоа прашањето за ирската граница и решавањето на финансиските прашања, во однос на финансиските обврски што ги има официјален Лондон кон Унијата.

Преговарачот на ЕУ се надева дека првата фаза од преговорите може да заврши во последниот квартал на оваа година, а Барние исто така се надева и дека до октомври 2018 година ќе биде финализиран договорот за заминувањето на Велика Британија и за рамката на идните односи на Лондон со Унијата.

Шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, денеска во Луксембург на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, изјави дека се надева оти долгите преговори ќе имаат успешен завршеток што ќе биде во полза и за граѓаните на Велика Британија и за граѓаните на Европската Унија.

„Најважно е сега да гледаме напред, да мислиме за иднината и за новото партнерство, длабоко и специјално партнерство, кое сакаме да го изградиме со нашите пријатели“, потенцираше Џонсон.

Истовремено, претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани и координаторот на европскиот законодавен дом за Брегзит, Ги Верхофстад, уште еднаш ја нагласија потребата од преговори и договори меѓу Брисел и Лондон кои во ниту еден момент нема да  бидат на штета на граѓаните, односно како што истакнаа, целта од сето ова  е зачувување на правата на милиони граѓани на ЕУ.  

„Потребен ни е напредок во областа на граѓанските права и создавање правна сигурност за нашите луѓе и за нашите компании“, истакна Верхофстад.

Според најавите, официјалното повлекување на Обединетото Кралство од Европската Унија треба да се случи во летото 2019 година, а дотогаш преговарачите треба да завршат со договарањето на сите услови за „мек“ излез на Велика Британија од Унијата.

А. Б.