/ Прочитано:

1.734

„Европа доцни и не е подготвена за бранот бегалци – таа се буди од сон кој стана кошмар“ – ПРОФ. Д-Р ТОНИ ДЕСКОСКИ

Европа доцни и не е подготвена за бранот бегалци од кризните воени жаришта. Таа се буди од еден сон кој стана кошмар. ЕУ повторно ја покажува сопствената слабост, а таа слабост е во неможноста да се постигне една согласност за справување со заедничкиот проблем и со заедничката опасност. Покрај ЕУ, задачата на земјите во светот е да сфатат дека мора да се распредели товарот со бегалците. Да имаше јасна политика во западната алијанса, дека ќе се носат последиците на конфликтот во Сирија, каде што тие активно поддржуваат некои од учесниците, ќе беа подготвени и за да ги прифатат бегалците и да ги санираат тие последици. За жал, очигледно тоа не е направено и сега ќе го плаќаме цехот за тоа, вели во интервјуто за Академик Тони Дескоски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„Првенствено, треба да се има предвид основната разлика или терминологија која се употребува во правото, но и во другите области за означување на движењата на луѓето – мигранти или миграција значи движење на луѓето од едно место на друго, најчесто промена на нивното живеалиште,  кое повторно е од различни причини, но најмногу од економски. Понекогаш причините се заради лични потреби, склучување бракови, образование итн. Огромен дел од миграцијата е мотивирана од економски причини и тоа е нешто што е стандардно. Светот е со различно ниво на економски развој. Поразвиените економски средини привлекуваат луѓе од помалку развиените економски средини, кои си ја бараат својата среќа таму каде што можат да  остварат некаква егзистенција“, вели Дескоски во врска со економско-правната положба на мигрантите.

Во таа насока, професорот истакнува дека миграцијата денеска не е некаков преголем проблем со кој не може  да се справат современите општества.

„Има цела серија мерки, миграциска политика, политика на прифаќање на доселеници. Развиениот свет, соочувајќи се со разликата меѓу себе и овој другиот, економски неразвиен свет, има оформено цела политика,  преточена во законодавството и во реални мерки во животот кој се соочува со тој проблем и кој го решава. Понекогаш  поуспешно, понекогаш помалку успешно“, вели професорот.

Европа доцни  – проблемот е логистички и политички

Тој посочува дека еден од клучните проблеми за прашањето на бегалците и сериозниот наплив на миграција не е правен, туку логистички и политички. Според професорот, големиот бран бегалци нужно морал да се предвиди, но наместо тоа се говорело дека воените интервенции ќе донесат стабилизација.

„Она што е клучен, акутен проблем на моментот во кој живееме,  е вториот дел, а тоа се лицата што се движат од завојуваните подрачја или од подрачјата што до скоро биле завојувани, а сега се политички нестабилни.  Таков е примерот со Либија, Сирија, Пакистан, Авганистан итн. Тоа е тој наплив со кој сега веќе Европа не е подготвена да одговори. Зошто? Зашто станува збор за огромни бројки кои требаше да ги предвиди некој пред две-три години, кога почнуваа конфликтите во Сирија или кога се правеше воената интервенција во Либија. Тогаш пресметката беше дека интервенциите таму ќе ги стабилизираат овие земји. Напротив, произлезе дека работата ескалираше и сега товарот не паѓа врз другите, туку паѓа врз Европа, секако, поради географска положба. До САД не можат да стигнат. Се знае каде можат да стигнат – стигнуваат во Европа. А Европа доцни три години со подготовка за таков бран бегалци. Од тој аспект, проблемот не е правен, туку чисто политички и проблем на терен. Значи, потребни се соодветни сместувачки капацитети, потребни се средства за се издржуваат, потребни се средства за сместување,  прехранување, за да преживеат и потоа да се види дали ќе се интегрираат во западните општества, или ако се нормализира ситуацијата таму од каде што дошле дали ќе бидат вратени назад и ќе им се овозможи да се интегрираат во сопствените земји. Од тој аспект, значи, клучниот проблем е овој, логистичкиот.  Нормално е дека логистиката се претвора во некакви правни и законски  мерки и инструменти на Европската Унија – но суштината е во неподготвеноста“, истакнува Дескоски, додавајќи дека нема единство во ЕУ по прашањето за бегалците, со што Унијата повторно ја покажува својата слабост.

Будење од сонот кој се претвори во кошмар

„И сега  Европа полека почнува да се буди од еден сон кој се претвори во кошмар.  Проблемот на Македонија е што е дел од кошмарот, сакала или не сакала.  Ние сме на патот по кој се движат овие луѓе и, од она што го гледаме досега, релативно мал дел од товарот беше префрлен на нас, меѓутоа земјите од ЕУ се сѐ помалку подготвени да го преземаат товарот, а во исто време се свесни дека не можат да го префрлат овде.  Тоа е сосема јасно. За жал, ЕУ повторно ја покажува сопствената слабост, а таа слабост е во неможноста да се постигне една согласност за справување со заедничкиот проблем и со заедничката опасност. Тој процес е тром, долг и одлуките тешко се носат, а себичноста на земјите-членки максимално доаѓа до израз.  Последниов месец има неколку  состаноци на високо ниво во ЕУ, каде што оние земји што се пооддалечени на северот, јасно манифестираат дека  сакат да го понесат товарот на овие од југот.  Во исто време, земјите од медитеранскиот басен и оние што им се непосредни соседи од Средна Европа јасно сигнализираат дека не можат да го поднесат тоа, а лицата, пак, што бараат азил нема каде да заминат на друго место“, подвлекува Дескоски.

Конвенции дизајнирани за состојбите по Втората светска војна

Во тој контекст, професорот појасни што е азил. Појаснува дека е регулиран со меѓународни конвенции на кои се членки сите европски земји, но, како што нагласува, датираат од 50-тите-60-тите години на минатиот век и се дизајнирани за состојбата во Европа по Втората светска војна.

„Азил е  заштита што ја дава една земја на лице кое е прогонето или на кое му се заканува прогон, било поради воени конфликти, било поради тоа што му се заканува опасност по личниот интегритет, по семејството итн. Регулиран е со меѓународни конвенции на кои се членки сите европски земји, но датираат од 50-тите-60-тите години на минатиот век.  Всушност, тие се дизајнирани за состојбата во Европа по Втората светска војна. Во меѓувреме не се ревидирани, бидејќи никој не предвидуваше дека ќе има ситуација со милионско раселување на луѓе кои бараат заштита. Но, еве, се покажува дека на секоја политичка и воена криза првиот нејзин ефект е огромната маса бегалци.  Она што се случува е што таа маса бегалци што беше апсорбирана главно во Јордан, во Турција, односно во земјите соседни на Сирија и Либија, сега почнува да се придвижува наваму. Зошто? Поради тоа што триста илјади, петстотини илјади, еден милион луѓе, колку што има во Јордан или во Сирија, се преголем товар за тие држави“, вели Дескоски.

Западната алијанса без јасна политика

Професорот подвлекува дека задачата на земјите во светот е да сфатат дека мора да се распредели товарот.

„Во таква ситуација нормално е дека сакаат да му го префрлат товарот на другиот. Тоа е она што ни се случува и поради што го имаме проблемот денес. Да имаше јасна политика во Западната алијанса, дека ќе се носат последиците на конфликтот во Сирија, каде што тие активно поддржуваат некои од учесниците, ќе беа подготвени и за да ги прифатат и да ги санираат тие последици. За жал, очигледно тоа не е направено и сега ќе го плаќаме цехот за тоа“, истакнува тој.

Бајпас на Законот за азил и привремена заштита

Дескоски објаснува дека со новите измени на македонската законска регулатива во однос на азилот, направен е, како што вели „бајпас“ на Законот за азил и привремена заштита.

„И сега, она што го направи Македонија, непосредно сега пред скоро време, со измените на законодавството, пак е резултат на потребите на теренот. Направен е еден бајпас на Законот, кој во суштина се однесува за лицата што бараат азил, ама не од Македонија. Значи, по меѓународни стандарди и по Конвенцијата за заштита на правата на бегалците од 1951, земјата е должна да даде азил, а азил значи давање заштита, и второ, ако некој сака да замине во правец на трета земја, да го пропушти до третата земја. Ниту еден што доаѓа овде на нашата граница,  не доаѓа да остане овде. Ниту еден! Сите тие доаѓаат да заминат кон нивната посакувана крајна дестинација – Средна и Западна Европа“, додава професорот.

Правото не е збир на апстрактни норми

Професорот Дескоски истакнува дека правото е резултат на правила што треба да регулираат некои животни ситуации, и моментално Македонија се соочува со една таква ситуација.

„Соочени со таква ситуација, доаѓа до израз старото правило, а тоа  е дека правото не е збир на некои апстрактни норми на некои луѓе што си седат во просторија и така си создаваат правила, туку е  резултат на правила што треба да регулираат некои животни ситуации. Македонија одеднаш има животна ситуација во која има лица што имаат потреба да транзитираат, на кои им треба заштита за да дојдат до крајната дестинација и со измената на Законот за азил е овозможено тоа“, вели Десковски.

Околу законските новини

Тој образложува и кои се законските новини  во кои е предвиден начинот на кој бегалците бараат транзит или пак азил.

„Тоа се прави на тој начин што лицата пополнуваат формулар во кој ја искажуваат својата намера, евентуално, да побаат азил и во рок од 72 часа потоа се должни да го побараат или да заминат од Македонија.  Статусот на овие луѓе им е регулиран со Конвенцијата за заштита на беглаците и, во согласност со тоа,  Македонија е должна да им обезбеди сместување, да им обезбеди средства за исхрана, значи да им го обезбеди животот, всушност, она што го правеше Македонија пред неколку месеци со тие пет-десет случаи за кои има центар кој беше сосема пристоен за таква бројка. Потоа треба да се направи испитување дали навистина доаѓаат од кризен регион, кај овие е неспорно дека доаѓаат, и потоа да им се овозможат средства за живот и потенцијално дури и до ниво на интеграција во општеството, на пример, после 6 години со статус на бегалец, да им се даде максимална интеграција, дури и до ниво на давање државјанство“, објаснува професорот.

Македонија нема капацитет  – како ќе се финансира задржувањето на бегалците е клучното прашање

Според него, Македонија нема капацитет да прими голема бројка бегалци и како што нагласува финансирањето на задржувањето на бегалците е клучното прашање.

„Македонија има капацитет да прими стотина. Таа е должна да ги прими бегалците, а како ќе ги прими во ситуација кога нема средства, тоа никој не може да го одговори зашто меѓународните организации не го решаваат клучниот проблем – како ќе се финансира задржувањето на бегалците.  Кога би дошле, теоретски, ние би требало да ги прифатиме сите што доаѓаат од овие подрачја, а дали ќе ги прифатиме зависи од тоа дали доаѓаат од кризно подрачје, а неспорно е дека доаѓаат во конкретниве случаи . Второто прашање е  што ќе правите ако се соочите со број на луѓе што не можете да го издржите. Во таква ситуација, затоа и постои меѓународната заедница, државите разговараат меѓу себе, логиката би била останатите да го дадат својот придонес или да примат некои,  или да обезбедат средства со кои ние би ги примиле“, вели професорот.

Стратегијата со бегалците како форма на водење војна

„Таква беше состојбата во 1999 со Косовската криза и тоа сега отвора едно друго прашање кое не е правно, кое не е предмет на наш интерес, а тоа е дека е стратегијата со бегалците, всушност, форма на водење војна. Кога некој сака да ви создаде проблем, ќе ви прати сто илјади бегалци и одеднаш ќе ве закопа поради тоа што треба да им воведе сметка. Милошевиќ се обиде да ѝ го направи тоа на Македонија и по сите дефиниции Македонија тогаш требаше да колабира  и да настанат нереди. Мислам дека овој пат повторно некој диригирано ги праќа овие бегалци на запад и создава криза. Ова е не е туку-така група луѓе. Точно, судирите таму се вжештуваат и ескалираат, но ова не е од вчера. Ова веќе е ескалација на долг судир. Истите што беа апсорбирани во бегалски кампови на Блискиот Исток, сега се тргнати наваму. Некој очигледно ги насочува наваму. Сега, затоа реков, работата се сведува на економија и логистика. Некој да обезбеди средства, да ги организира и да им овозможи да преживеат дури не се смират состојбите во земјите од каде што доаѓаат бегалците од кризни жаришта. Приближно на тоа се сведува целата работа“, додава тој.

Новороденчето на сириската бегалка не може да добие македонско државјанство

Професорот Тони Дескоски, исто така, се осврнува и на случајот со сириската бегалка која се породи во Македонија. Образложува дека новороденчето не може да добие македонско државјанство.

„По Законот за државјанство на Република Македонија дете родено на територија на Република Македонија може да добие државјанство на Република Македонија заради тоа што е родено на наша територија единствено доколку е родено од родители без државјанство или доколку родителите му се непознати. Во оној случај за детето родено од некоја сириска бегалка ситуацијата не е таква. На тоа дете родителите му се познати и се странци. Не се родители без државјанство, поради тоа постои законска пречка тоа новороденче да добие државјанство на Република Македонија. Иста ќе биде состојбата и со други такви случаи, кои се надевам дека нема да ги има. Значи, новороденче може да добие македонско државјанство ако родителите се апатриди, или, пак, ако биде оставено, па биде пронајдено од наши органи, па биде згрижено како сираче. Но, ако имате родител со познато странско државјанство, тоа дете не може да добие државјанство на Република Македонија само затоа што е родено на територија на Република Македонија. Тоа би можело во САД, Австралија, ама не и во Македонија. Тоа е клучната разлика која мора да ја имаме предвид и тоа е правна ситуација, реална животна ситуација за која има правни норми кои ја регулираат и кои даваат исход“, објаснува професорот по меѓународно приватно право, д-р Тони Дескоски.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk 1.07 2015