/ Прочитано:

1.205

ЕВРОПСКА СОЦИЈАЛНА ПОВЕЛБА: Социјалните права треба да бидат уживани рамноправно и без дискриминација

Денеска во организација на Советот на Европа и Министерството за труд и социјална политика беше организиран семинар посветен на Европската социјална повелба. Во Повелбата се нагласува дека уживањето на социјалните права треба да биде обезбедено без дискриминација по основ на расата, бојата, полот, религијата, политичкото убедување, националната припадност или социјалното потекло.

Повелбата ги гарантира правата во однос на работата, синдикалните права,  здравството, образованието, вработувањето, правната и социјалната помош и заштита, заштитата на семејството, движењата на лица и недискриминација.

Секое лице, се истакнува во Повелбата, треба да има можност да заработува за живот преку слободно избрана работа и сите работници имаат право на еднакви услови за работа. Сите работници треба да имаат право на заштита при работата и сите работници имаат право на правична заработувачка што им обезбедува ним и на нивните семејства задоволувачки животен стандард.

Во согласност со Повелбата, изготвувачите на извештаите се должни пред поднесување на извештајот до Советот на Европа да ги доставуваат извештаите до организациите на работодавци и работници за мислења и забелешки. Доколку овие организации изразат и упатат свои забелешки, тие задолжително треба да се приклучат кон извештајот кој потоа се испраќа до Советот на Европа.

Европскиот комитет за социјални права на Советот на Европа утврдува дали земјите потписнички ги испочитувале и примениле правата од ратификуваните членови од Повелбата. Секоја земја потписничка секоја година поднесува извештај во однос на имплементирање на ратификуваните членови од Повелбата. Тоа значи дека земјите со ратификување на Повелбата се задолжени да прифатат минимум членови, но не и сите.

Комитетот ги разгледува извештаите и оценува дали состојбите во земјите се во согласност со Повелбата. Неговите одлуки, познати како „заклучоци“, се објавуваат секоја година. Доколку земјата не преземе активности кон одлуката на Комитетот за да се спроведе, Комитетот на министри упатува препорака до таа држава во која се бара да се промени состојбата во законодавството и/или во практиката.

Република Македонија, како полноправна членка на Советот на Европа, на 5.5.1998 година ја потпиша Европската социјална повелба од 1961 година, заедно со Дополнителниот протокол од 1988 година и Протоколот со кој се дополнува Повелбата од 1991 година.

На 7.12.2004 година Република Македонија ја ратификува ЕСП заедно со Протоколот со кој се дополнува ЕСП од 1991 година, кои стапија во сила на 31.3.2005 година.

Европската социјална повелба на Советот на Европа, посочуваат од Министерството за труд и социјална политика, претставува суштинско дополнение на Европската конвенција за човековите права со која се гарантираат граѓанските и политичките човекови права. Повелбата ги гарантира социјалните и економските човекови права. Според Министерството за труд и социјална политика, во изминатите години Република Македонија помина низ период кога дел од овие социјални права, утврдени и во Повелбата, беа или запоставувани или недоволно унапредувани и развивани.

„Она што јас сега, од мое лично име и од името на новата Влада на Република Македонија, можам да го гарантирам е дека еден од клучните приоритети во наредниот период ќе биде токму унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани. Она на што ќе се фокусираме ќе биде реформа на системот на социјална заштита, унапредувањето на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секој вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешниот семинар.

M.В