/ Прочитано:

677

Европската комисија нема да ја надгледува работата на Обвинителството во врска со „Пуч“

Понеделник, 30 март 2015 – Европската комисија (ЕК) во моментов нема да врши надворешна експертиза во содржината на која и да е поединечна кривична постапка, е одговорот на ЕК по поканата од Јавното обвинителство за испраќање меѓународни експерти кои би биле во тек со предметите коишто ги води обвинителството, а произлезени од последните актуелни случувања.

„Иако јавното обвинителство има капацитети и единствена законска надлежност за водење на истражната постапка, сепак ја поканивме Европската комисија преку свои претставници, а во интерес на јавноста и заради намалување на сомнежите за објективноста во постапувањето, да сведочи за транспарентноста и објективноста во работата на јавните обвинители. До Јавното обвинителство на Република Македонија пристигна одговор од Европската комисија во кој ни се заблагодаруваат за поканата и позитивно јa оценуваат нашата заложба. Во одговорот сме известени дека Европската комисија во моментов нема да врши надворешната експертиза во содржината на  било која поединечна  кривична постапка“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Притоа во дописот од ЕК, како што наведуваат од Обвинителството, е истакнато дека сметаат оти „единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца (и во случај на жалба апелациониот суд)“.

„Јавното обвинителство повторно ја искажува својата отвореност и покана за меѓународни експерти од Европската унија. Ценејќи ги домашните закони и европските стандарди, а во насока на намалување на сомневањата во јавноста, јавното обвинителство и натаму ќе продолжи со транспарентноста и подготвеноста за соработка со сите релевантни фактор“, велат од Јавното обвинителство.