/ Прочитано:

1.207

Европската комисија порачува да се поддржи работата на СЈО и да продолжат започнатите истраги за сериозните обвинувања

Од Комисијата потенцираат дека е многу важно да се искаже поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано со одлука на Собранието на Република Македонија врз основа на Договорот од Пржино. Покрај тоа, од Комисијата нагласуваат дека за земјава е важно да подготви кредибилни избори и да се подготви за продолжување на патот кон евроатланската интеграција.

Европска комисија зграда

Загрижува одлуката на претседателот на Република Македонија да ги прекине постапките што се водат против сите политичари пред македонските правосудни органи, особено поради фактот дека Македонија се обврза да го спроведува владеењето на правото, пишува во изјавата на портпаролот на Европската комисија по вчерашната одлука на Иванов.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од реакции кои би ги загрозиле долгогодишните напори на земјата и на меѓународната заедница за зајакнување на владеењето на правото“, стои во изјавата на ЕК.

Од Комисијата потенцираат дека е многу важно да се искаже поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано со одлука на Собранието на Република Македонија врз основа на Договорот од Пржино. Покрај тоа, од Комисијата нагласуваат дека за земјава е важно да подготви кредибилни избори и да се подготви за продолжување на патот кон евроатланската интеграција.

Одлуката на претседателот Иванов не e во согласност со моето сфаќање на владеењето на правото, напиша на својот твитер-профил еврокомесарот за соседската политика и преговори за проширување, Јоханес Хан.

Поради ваквиот развој на настаните, се сомневам дека во земјата може да има кредибилни избори, додава Хан.

„Политичките лидери мора да знаат дека одлуките што ги носат во последно време сериозно ја загрозуваат евроатланската иднина на земјата. Демократијата значи компромис и служење на народот. Ги повикувам сите политички лидери да се вратат на преговарачка маса и да работат на реформите“, порача Хан.

Американската амбасада во земјава, исто така, изразува загриженост поради одлуката на претседателот.

„Бараме понатамошни детали и појаснување на одлуката. Но, изјавата на претседателот предизвикува загриженост за владеењето на правото во Македонија“, се наведува во изјавата на Американската амбасада.

Британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет, побара објаснување на одлуката на претседателот Иванов за прекинувањето на судските процеси кои се водат против политичари.

„Изјавата на претседателот  треба да се објасни. Доколку одлуката да се помилуваат политичари се однесува и на истрагите за наводите изнесени во прислушуваните материјали, тоа би било многу загрижувачки. Целосна истрага за наводите и соодветен правен процес се битни елементи на Договорот од Пржино. Тие се клучни за решавање на актуелната политичка криза“, стои во реакцијата на Британската амбасада.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, објави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е поведено обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна.

„Со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано, да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротивставените страни“, истакна Иванов во своето обраќање.

(ОБНОВЕНО) ОДЛУКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ: Прекин на сите постапки против политичари