/ Прочитано:

1.362

ЕВРОПСКАТА МРЕЖА ЗА ПРАВОСУДНА ОБУКА: Со поквалитетна едукација до поефикасен пристап до правдата

Европската мрежа за правосудна обука бележи сè поголеми резултати и достигнувања од аспект на едукацијата на судиите и обвинителите, се вели Годишниот извештај на Европската мрежа за правосудна обука.

slika

Европската мрежа за правосудна обука, се вели во Извештајот за 2015 година, обучила  5 032 судии, обвинители и обучувачи, помеѓу кои имало претставници на сите држави членки на Европската Унија. Правосудната мрежа спровела 84 семинари, голем број студиски посети и размена на знаења и искуства. Во 2016 година, истакнуваат од Европската мрежа за правосудна обука, се зајакна квалитетот на обуките, што всушност е и декларираниот предизвик на Мрежата за нејзиното понатамошно дејствување.

„Минатата година Европската мрежа за правосудна обука ги зајакна своите капацитети и ги оствари своите поставени цели на работа, при тоа соработувајќи со Европскиот парламент, со Европската комисија и со Советот на Европа“, вели Војчех Постулски,  генерален секретар на Европската мрежа за правосудна обука.

Во однос на македонската Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Постулски вели дека Академијата е доста активна во рамки на активностите на Мрежата преку испраќање судии, обвинители и обучувачи кои се вклучени во активностите на Мрежата.

„Се надеваме на понатамошно зголемување на вклученоста на македонските судии и обвинители во соработката со колегите од ЕУ“, истакна Војчех Постулски на регионалната конференција „Зајакнување на соработката помеѓу правосудните институции од земјите во Западен Балкан”.

Размената на регионалните искуства, беше потенцирано на оваа конференција, придонесува кон создавањето на современ правосуден систем кој ќе се заснова на европските вредности, кој ќе биде целосно хармонизиран со европската легислатива, кој ќе ги инкорпорира меѓународните стандарди сè со цел да ја подигне довербата на граѓаните во правосудните институции и да обезбеди полесен и поефикасен пристап до правдата.

На регионалната конференција присуствуваа директорите на институциите за правосудна обука од Хрватска, Турција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, потоа директорите на Европската академијата за јавна администрација од Луксембург и Академијата за европско право, генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука,  претставници од Советот на Европа, од Регионалниот центар за соработка од Хрватска, како и претставници на органите и телата на Академијата за судии и јавни обвинители.

Целта на оваа регионална конференција, посочи директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, е да ги обедини директорите на институциите за правосудна обука од Западен Балкан и низ презентации на досегашните достигнувања да се разменат идеи за понатамошно зајакнување на соработката помеѓу овие институции.

Во изминатите години, подвлече Арнаудовска, Академијата навремено и целосно ги исполнува обврските од преземените проекти и од соработката со големиот број домашни институции, професионални здруженија на другите правосудни професии и цивилното општество, како и од преземените проекти со амбасадите во РМ, сродните институции за обука во регионот и во Европа и со други меѓународни организации.

М.В