/ Прочитано:

1.950

Европската Унија ги укина роаминг трошоците за своите граѓани

Одлуката која од денеска стапува во сила беше утврдена уште во 2015 како заеднички напор на сите земји на Европската Унија, со цел граѓаните полесно да патуваат од една во друга земја членка на ЕУ и притоа да немаат дополнителни трошоци за мобилен телефон. Укинувањето значи корисниците на телекомуникациските услуги во мобилните мрежи во странство да плаќаат цени како во матичните земји.

Денеска официјално стапи во сила одлуката на Европскиот совет за укинување на роамингот за телекомуникациските услуги за земјите членки на Европската Унија. Ваквата одлука важи само за граѓаните на државите од Европската Унија, кои патуваат во рамките на Унијата.

Одлуката која од денеска стапува во сила беше утврдена уште во 2015 како заеднички напор на сите земји на Европската Унија, со цел граѓаните полесно да патуваат од една во друга земја членка на ЕУ и притоа да немаат дополнителни трошоци за мобилен телефон. Сепак, мобилните оператори очекуваат фер користење.

„Европејците ќе може да останат во контакт со сите и да користат интернет како да се дома. Европската Унија ни го прави животот полесен на практичен начин“, изјави Емануел Малија, министер од Малта, нагласувајќи притоа дека мобилните оператори целосно ќе ја применуваат оваа мерка.

Укинувањето значи корисниците на телекомуникациските услуги во мобилните мрежи во странство да плаќаат цени како во матичните земји.

„Операторите имаа две години за да се подготват за крај на роамингот и се надеваме дека ќе ја искористат оваа шанса со примена на новите правила, за да ги задоволат своите корисници“, се вели во заедничко соопштение на претседателите на Европскиот парламент Антонио Тајани, на ЕК, Жан-Клод Јункер и претседавачот со Европската Унија и премиер на Малта, Џозеф Мускат.

Сепак, дури 36 европски оператори решиja да не ги послушаат советите на Европската комисија и ќе продолжат да го наплаќаат роамингот. Кај нив цената на роамингот е сведена на минимум и најавуваат дека мерката ќе биде само привремена и дека наскоро и тие ќе им се придружат на оние што го укинуваат роамингот.

Во овој контекст, дел од германските мобилни, односно 9 од вкупно 16 оператори нема да ја почитуваат ваквата европска регулатива и ќе продолжат да наплатуваат екстра трошоци. И покрај најавата на германската Федерална агенција за мобилни мрежи дека ќе врши мониторинг на спроведувањето на мерката на Европската комисија, некои оператори ќе наплатуваат за роаминг.

Најголем дел од нив имаат потпишано договори за користење на мобилни и интернет услуги само на германска територија што им дава за право да наплатуваат огромни суми за роаминг разговори и интернет.

Некои германски весници пишуваат дека е неизвесно дали големите мобилни оператори ќе ги зголемат цените на своите услуги, за да ја надоместат финансиската загуба од укинувањето на роамингот кој носеше огромен профит за компаниите.

Европскиот парламент најавува дека борбата со операторите ќе продолжи, а крајната цел е целосно и тотално укинување на роамингот и на трошоците за меѓународни повици во целата Европска Унија.

А. Б.