/ Прочитано:

2.239

Европската Унија ја потпиша Истанбулската конвенција, најзначајниот документ за борбата со насилството врз жените и семејното насилство

Потпишувањето на Конвенцијата од страна на Европската Унија, истакнуваат од Советот на Европа, е од големо значење и во насока на глобална поддршка на борбата против насилството врз жената и семејното насилство.

Советот на Европа: Потпишувањето е силен политички сигнал

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство во име на Европската Унија ја потпишаа ЕУ-амбасадорот во Советот на Европа, Жозеф Филети и Вера Јурова, ЕУ-комесар за правда и родова еднаквост.

„Потпишувањето на Конвенцијата од страна на Европската Унија испраќа силен политички сигнал до сите 28 земји кои се членки на Европската Унија за значењето на оваа Конвенција, особено во поглед на важноста од прифаќањето и применувањето на нормите и стандардите во однос на борбата против насилството врз жените и семејното насилство“, истакнуваат од Советот на Европа.

Досега, посочуваат од Советот на Европа, 23 земји ја ратификувале Конвенцијата, вклучувајќи и 14 земји членки на Европската Унија, и тоа: Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска. Другите земји членки на ЕУ ја имаат потпишано Конвенцијата.

Најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Македонија ја потпиша Конвенцијата на 8.7.2011, но сè уште ја нема ратификувано.

Сметаме, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, дека е време Република Македонија да посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира сите посебни форми на насилство кои ја таргетираат жената поради нејзината биолошка и социолошка природа.

Во програмата на новата македонска Влада се вели дека Владата ќе предложи ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција) и во согласност со неа, ќе воспостави мрежа на стандардизирани институции која го гарантира минималниот пакет на услуги за заштита од домашно насилство.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира  низа обврски за владите кои ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените кои поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата, насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додeка, пак, домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случува во рамките на семејството или домаќинството.

Во Конвенцијата се потенцира стремежот за создавање на Европа слободна од насилство врз жените и од домашно насилство, а државите членки на Советот на Европа и другите потписници се согласуваат и истакнуваат дека Конвенцијата ги има следниве цели:

Заштита на жените од сите форми на насилство и спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство; придонес во елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и промовирање суштинска еднаквост меѓу жените и мажите, вклучувајќи и зајакнување на жените; создавање сеопфатна рамка, политики и мерки за заштита и помош на сите жртви на насилство врз жените и домашно насилство; промовирање меѓународна соработка во поглед на елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство и обезбедување поддршка и помош на организациите и на органите за спроведување на законот за ефективна соработка, со цел да усвојат интегриран пристап за елиминација на насилството врз жените и домашното насилство.

Конвенцијата се однесува на сите форми на насилство врз жените

Истанбулската конвенција се однесува на сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство, кое несразмерно ги погаѓа жените, при што се препорачува нејзините потписнички да ја применуваат на сите жртви на домашно насилство. При примена на одредбите на Конвенцијата, особено внимание треба да им се  посветува на жените жртви на родово засновано насилство, при што таа се применува во време на мир и во ситуации на оружен конфликт.

М.В