/ Прочитано:

2.118

Европски парламент: Македонија е последна во регионот по слободата на медиумите

Македонија се наоѓа на последното место од земјите во Западен Балкан за почитување на медиумските слободи. Во документот што во текот на мај го објави Истражувачкиот центар на Европскиот парламент, под лупа е ставено нивото на слободата во медиумите кај земјите кои се кандидати за членство во Европската Унија, а освен за Македонија има податоци и за состојбата со медиумските слободи во Србија, која е на врвот на табелата, потоа следуваат Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора.

Истражувачкиот центар на Eвропскиот парламент, кој во текот на овој месец на својата вебстраница објави краток извештај за состојбата со слободата на медиумите во земјите од Балканот, истакнува дека Македонија се наоѓа на последното место од земјите во Западен Балкан за почитување на медиумските слободи.

Во документот, под лупа е ставено нивото на слободата во медиумите кај земјите кои се кандидати за членство во Европската Унија, а освен за Македонија има податоци и за состојбата со медиумските слободи во Србија, која е на врвот на табелата, потоа следуваат Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора.

Лошата медиумска клима, како што оценува Истражувачкиот центар на Европскиот парламент во извештајот, се должи на повеќе фактори, а пресудни се неспроведувањето на постојните закони, медиумите се во сопственост на лица блиски до власта, зголемено е насилството врз новинарите, клиентелизмот, политизацијата и корупцијата. Дел од забелешките во документот се однесуваат и на тоа дека во Македонија недостига политичка волја за промовирање на плурализмот во медиумите.

„Трендот на ерозија на медиумските слободи е особено видлив во Македонија, која има најголем пад во рангирањето на медиумските слободи“, стои во извештајот.

Во документот, Европскиот парламент ги повикува земјите од Западен Балкан да создадат поволна клима за работа на медиумите, со цел објективно и точно информирање на јавноста.

„И покрај одредено ниво на подготвеност и широко развиената правна рамка, земјите аспиранти продолжуваат да се соочуваат со системски недостатоци кои бараат долгорочни одржливи напори. Овие напори запреа во последниве години, резултирајќи со ситуација ‘без прогрес’“, се наведува во оценката за состојбата со медиумските слободи во земјите од овој регион, при тоа повикувајќи ги да создадат поволна клима за работа на медиумите, односно погодна за објективно и точно известување.

Во извештајот се повикува на проактивна улога на професионалните организации и саморегулаторни тела, подобрување на ефикасноста на судскиот систем, политичка посветеност и поголема улога на граѓанското општество, каде што на долг рок сите заедно треба да придонесат за подобрување на медиумската клима.

Во својот извештај, Европскиот парламентарен истражувачки центар се повикува и на истражувањето направено од страна на Здружението на новинарите на Македонија, во рамките на регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштита на новинарите“.

А. Б.