/ Прочитано:

1.482

Европскиот парламент за состојбата со слободата на медиумите во Западен Балкан: Силен политички притисок и автоцензура

Слободата на медиумите во државите на Западен Балкан не е целосна, се вели во последниот извештај на Истражувачкиот центар на Европскиот парламент, објавен на само еден ден пред Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај. Извештајот е насловен „Западен Балкан: трендови на слобода на медиуми“ и во него се наведува дека автоцензурата е предизвикана и со прикриени, но и со отворени влијанија, што особено загрижува. Истражувачкото и квалитетно новинарство во земјите од Западен Балкан, како што се вели во овој извештај, е практично невозможно, пред сѐ, поради силните политички влијанија врз сопствениците на медиумите.

Земјите од Западен Балкан постојано се соочени со политизација на сите сфери во општеството, со проблеми во спроведување на законите и заплашување и закани кон новинарите, автоцензурата интензивно е во пораст, па во согласност со ова, слободата на медиумите во државите на Западен Балкан не е целосна, се вели во последниот извештај на Истражувачкиот центар на Европскиот парламент, објавен на само еден ден пред Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај.

Извештајот е насловен „Западен Балкан: трендови на слобода на медиуми“ и во него се наведува дека автоцензурата е предизвикана и со прикриени, но и со отворени влијанија, што особено загрижува. Истражувачкото и квалитетно новинарство во земјите од Западен Балкан, како што се вели во овој извештај, е практично невозможно, пред сѐ, поради силните политички влијанија врз сопствениците на медиумите.

Во извештајот, исто така, се наведува дека случаите на заплашување и закани кон новинарите се сѐ побројни, а истражувачите на состојбите со медиумската слобода во овие земји укажуваат и на сериозни проблеми со неказнивост на напади врз новинари.

„Европскиот парламент го осудува политичкиот притисок и широко распространета автоцензура, поради што ги повикува државите да создадат безбедно медиумско окружување погодно за објективно и точно известување. Европскиот парламент исто така повикува и на ефикасен судски систем. Европскиот парламент потсетува и укажува дека слободата на медиумите е основна вредност на Европската Унија и тоа е темел на демократијата. Освен тоа, слободата на медиумите претставува приоритет за проширување на Унијата“, се вели во извештајот на Европскиот парламент. 

ЕП посочува дека земјите кандидати за членство во Европската Унија во изминативе години се во застој, односно нема напредок во клучните сфери кои ја дефинираат демократијата и овие држави понатаму се соочуваат со, како што се наведува во извештајот, системски недостатоци за кои се потребни  долгорочни и континуирани напори.

Како еден од главните проблеми со медиумската слобода во земјите од Западен Балкан е посочен недостигот од транспарентност и сопствеништво над медиуми како извори на финансирање.

Истражувачкиот центар на Европскиот парламент наведува дека во Србија е нејасна сопственичката структура на медиумите и државното финансирање, особено на локално ниво, додека во Босна и Херцеговина најголем број медиуми не откриваат информации за своите финансии и вистинска сопственост. Во случајот со Македонија, како главен проблем се посочува дека дел од телевизиите се во сопственост на поединци кои се наводно поврзани со владата.

„Мешавината на ниски примања кои се исплаќаат доцна, слабата сигурност на работата, работа без договор или со лесно раскинливи договори претставува директен облик на притисок што поттикнува автоцензура, ги отежнува независноста и квалитетното новинарство и фаворизира ‘таблоизација’. Синдикатите на новинари и законите за работа се од клучно значење за ублажување на тие проблеми“, се вели во извештајот на Истражувачкиот центар на Европскиот парламент.

А. Б.