/ Прочитано:

1.556

„Фајнанс тинк“: Потенцијалната даночна прогресија да биде проследена со воспоставување на фонд за сиромашни

Поради состојбата на економијата по долгиот период на политичка криза, маневарскиот простор на министерот за финансии е значително стеснет, велат од „Фајнанс тинк“ кои во својот извештај публикуваа став за промената на клучниот носител на економските политики.

Заради разјаснување на состојбата со јавните финансии, истакнуваат од „Фајнанс тинк“, министерот за финансии на почетокот од својот мандат треба да одговори на неколку клучни прашања за јавните финансии и економијата.

Износот на достасани, а ненамирени обврски на државата кон своите доверители останува непознат. Доколку вакви обврски постојат, особено доколку тие се големи, истакнуваат од „Фајнанс тинк“, тогаш министерот мора веднаш да предложи план за нивно намирување, а притоа ефектот врз буџетската каса да не биде ударен.

Со оглед дека во јавната дебата долго време се заговара кратење на непродуктивните расходи, должност на новиот министер е да отвори дебата и да ги искаже своите позиции за тоа што претставува непродуктивно трошење и како неговото кратење ќе се одрази врз буџетот и граѓаните.

Сврзано со претходното, од министерот се очекува да отвори јавна дебата за приоризација на капиталните трошења. Ниту сите капитални трошења се со еднаков ефект врз економијата, ниту сите може да се финансираат одеднаш. Мора да се постигне, посочуваат од „Фајнанс тинк“, општествен консензус за тоа што ќе се финансира прво и како тоа ќе се финансира.

Реконципирањето на даночната политика не треба да биде нагло, туку да следи економска дебата и аналитички докази кои ќе овозможат оптимално поставување на параметрите на потенцијалните даночни реформи. Потенцијалната даночна прогресија да биде проследена со воспоставување на фонд за сиромашни и социјално загрозени, во кој ќе се слеваат средствата собрани од дополнително наметнатиот данок. Фискалната транспарентност останува врвен императив. Граѓаните, истакнуваат од „Фајнанс тинк“, мора да знаат за што се трошат народните пари.

„Се очекува дека министерот веднаш ќе пристапи кон исполнување на своето предизборно ветување за објавување на сите трошоци, со сите детали што ги прави Владата. Исто така, се очекува министерот веднаш да ја отпочне постапката за формирање на независно експертско тело – Фискален совет, со цел тоа да врши мониторинг врз извршувањето на фискалната политика и особено да има влијание врз динамиката и користењето на јавниот долг“, велат од „Фајнанс тинк“.

М.В