/ Прочитано:

1.097

Факултативен протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување

Целта на овој протокол на ОН е да воспостави систем на редовни посети спроведени од страна на независни меѓународни и национални тела на местата каде што лицата се лишени од нивната слобода, со цел да се спречи тортурата и друг вид на нечовечно или понижувачко постапување или казнување. Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура стапи на сила во 2006 година и годинава се навршуваат десет години од неговото стапување во сила. Република Македонија го потпиша Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура на 1.9.2006 година, а Собранието на РМ го ратификуваше на 30.12.2008 година.

akademik foto 1

Во Протоколот се вели дека државите имаат првенствена одговорност за спроведување на Протоколот и дека јакнењето на заштитата на лицата лишени од нивната слобода и целосното почитување на нивните човекови права е заедничка одговорност која ја споделуваат сите. Исто така, во Протоколот се потенцира дека тортурата и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување се забранети и претставуваат сериозно прекршување на човековите права и од тие причини се неопходни натамошни мерки за да се постигнат целите на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување.

Тортура претставува секој акт со кој на некое лице намерно му се нанесува болка или големо страдање, физичко или душевно, со цел од него или од некое трето лице да се добие известување или признание, или заради негово казнување за дело што тоа или трето лице го извршило или за чие извршување е осомничено, да се заплаши или да се изврши притисок врз него или трето лице, или од која и да е друга причина заснована врз која и да е форма на дискриминација, кога таквата болка или страдање ги нанесува службено лице или кое било лице кое дејствува во службено својство или на негов поттик, со негова согласност или со негово знаење.

„Светската конференција за човекови права јасно нагласи дека напорите за искоренување на тортурата треба првенствено да се сконцентрираат на превенцијата и повика на донесување на Факултативен протокол кон Конвенцијата, кој има за цел воспоставување на превентивен систем на редовни посети на места на притвор. Заштитата на лицата лишени од слобода од тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување може да се зајакне со вонсудски средства од превентивен карактер, врз основа на редовни посети на местата на притвор“, се истакнува во Протоколот.

Надлежност на Националниот превентивен механизам

Со Протоколот се основа Поткомитет за превенција на тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување при Комитетот против тортура, кој ги извршува функциите дефинирани во овој протокол. Поткомитетот за превенција ги спроведува своите функции во рамките на Повелбата на Обединетите нации и се раководи од целите и од начелата содржани во неа, како и од нормите на Обединетите нации во однос на постапувањето со лица лишени од слобода.

Националниот превентивен механизам, во согласност со Факултативниот протокол, има надлежност:

а) редовно да го испитува постапувањето кон лицата лишени од слобода во местата на лишување од слобода, како што е дефинирано во член 4, со цел зајакнување, ако е потребно, на нивната заштита од тортура и од друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување;

(б) да дава препораки на релевантните органи со цел подобрување на постапувањето и на условите на лицата лишени од слобода и спречување тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, земајќи ги предвид релевантните норми на Обединетите нации;

(в) да поднесува предлози и согледувања во врска со постојното или со нацрт- законодавството.

Исто така, Во Протоколот се пропишува дека секоја држава пристапничка одржува, назначува или воспоставува, не подоцна од една година по влегување на сила на овој протокол или по неговата ратификација или пристапување, еден или неколку независни национални превентивни механизми за превенција на тортурата на домашно ниво. Механизмите воспоставени од страна на децентрализирани единици може да бидат назначени како национални превентивни механизми за целите на овој протокол доколку се во согласност со неговите одредби.

„Може да ме оковете, може да ме мачите, може и да го уништите моето тело, но никогаш нема да го заробите мојот ум“

 Улогата на Националниот превентивен механизам во Република Македонија му е доверена на Народниот правобранител, имајќи ја предвид, пред сè, неговата уставна улога за заштита на правата и слободите на граѓаните.

Цитирајќи ја позната мисла на Махатма Ганди, која гласи: „Може да ме оковете, може да ме мачите, може и да го уништите моето тело, но никогаш нема да го заробите мојот ум“ , Народниот правобранител во публикацијата „Правен дијалог бр. 6“, посочува дека, иако обврската за забрана на тортурата и на другите форми на свирепо постапување е експлицитно содржана во низа меѓународни документи и конвенции, а воедно се смета и за дел од обичајното право, состојбата во светот сè уште го нема достигнато степенот на целосно спроведување на оваа обврска во практиката и искоренување на тортурата.

„Одредени држави, иако членки на Организацијата на обединетите нации, продолжуваат да ги игнорираат обврските за заштита, забрана и казнување на актите на тортура и немаат преземено мерки во насока на воспоставување соодветна правна рамка на национално ниво, ниту пак спроведуваат ефикасни истраги во поединечните наводи за акти на тортура или за друго нечовечно или понижувачко постапување или казнување. Во мал број држави, иако живееме во 21 век, актите на тортура се широко распространети и се спроведуваат системски со поддршка или со согласност на власта“, вели Народниот правобранител на Република Македонија.

Како што пишува правобранителот, идејата за Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура се јавува во 90-тите години, во време кога светот е загрижен поради растечките тенденции на системска и широко распространета тортура.

„Иако Конвенцијата на Обединетите нации не успеа во себе да ја вметне и набљудувачката улога преку воспоставување посебно тело што ќе врши редовни посети на местата на лишување од слобода, сепак идејата за такво ‘светско’ тело опстојувала со децении, поддржана од Швајцарскиот комитет против тортура, од Шведска и од Коста Рика. Увидувајќи ја потребата за зајакнување на системот воспоставен со Конвенцијата против тортура и потребата за превентивно дејствување, во 1992 Комисијата на Обединетите нации за човекови права усвојува резолуција со која се одобрува формирање работна група за подготовка на нацрт-факултативен протокол кон Конвенцијата (ОПКАТ). Работната група не успева да излезе со конкретен предлог и најголемиот дел од времето го троши на усогласување на разликите помеѓу претставниците на државите членки. Во 2001 година, делегацијата на Мексико доставува нацрт-предлог со кој повторно се разгорува дебата на оваа тема и за првпат се воспоставува обврска на државите пристапнички за воспоставување национални тела за посета на местата на лишување од слобода. Дебатата се движи кон усогласување на ставовите на работната група и предлогот на Мексико, поддржан од група држави од Јужна Америка, со тоа што се усвојува комбиниран текст кој во себе ги вклопува двата механизми – меѓународното тело и националниот превентивен механизам. Во март 2002 година, текстот на ОПКАТ е претставен пред Комисијата на Обединетите нации за човекови права со предлог-резолуција изготвена од Коста Рика, за потоа и официјално, по неколку дебати и дискусии, да биде усвоен на 18.12.2002 година од страна на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации. Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура стапува на сила во 2006 година откако го ратификувале 20 држави членки на Организацијата на обединетите нации“, истакнува Народниот правобранител.

М.В