/ Прочитано:

805

„ФАЛАНГА 2“: Јавната седница во Апелација повторно се одложи

 Четврток, 3 септември 2015 – Јавната седница за случајот „Фаланга 2“ на која Апелациониот суд Скопје требаше да ги разгледува жалбите на осудените повторно се одложиПред два месеци седницата се одложи бидејќи од притвор не беше донесен првообвинетиот Илчо Бојчевски, а денеска седницата се одложи поради барање на одбраната за изземање на судијката Цветанка Периќ од советот.

Изземање на судијката бара одбраната на првите четворица обвинети бидејќи таа била во советот кој претходно одлучувал по жалбата на обвинителството да им се укине мерката домашен притвор и да се вратат во притвор.

„Од причина што судијката Периќ претходно учествувала како член на советот на Апелација кој донел одлука куќниот притвор да се замени со притвор, истата во никој случај не може и не смее да биде член на советот кој ќе одлучува по жалбата изјавена од страна на обвинетите против пресудата на Основниот суд Скопје 1“, образложи адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Поради отсуство на претседателот на судот, кој ја носи одлуката за изземање,  судскиот совет одлучи да ја одложи седницата за 1 октомври.

Основниот суд Скопје 1 при изрекување на првостепената пресуда, минатата година, им ја укина мерката притвор на обвинетите Илчо Бојчевски, Драган Милосовски, Коста Великов и Али Касум  и им одреди мерка куќен притвор. Обвинителството, пак, се жалеше на ваквото решение со барање решението да се преиначи и на обвинетите да им се определи мерка притвор се до правосилноста на пресудата.  Светот на Апелациониот суд, од кој дел беше и судијката Периќ,  одлучи да ја прифати жалбата на обвинителството, по што обвинетите беа  вратени  притвор.

Во барањето за изземање на судијката се наведува дека таа веќе има извршено увид во списите на предметот и доказите, а веќе има и изграден став, бидејќи донела одлука во врска со притворот, па сега не би можела да одлучува објективно.

Сите шеснаесетмина обвинети во овој предмет со пресудата на Основниот суд Скопје 1 изречена минатото лето беа прогласени за виновни. Дел од нив, според Обвинителството илегално ископувале артефакти и ги продавале.

Првоообвинетиот, ексраководителот на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство Илчо Бојчевски, кој беше најгласен во текот на постапката, беше осуден на затворска казна од седум и пол години за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба,  тешка кражба и прикривање. Тој во своја одбраната тврдеше е жртва на лажен сведок и мета на одмазда токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти.  Според него, зад трговијата со артефакти во Македонија  стојат големи финансиски моќници кои се инфилтрирани во секоја сфера на општеството.

Другите обвинети, кои исто така се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти, добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор.

Последните неколку обвинети во овој предмет, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, пак, се товарат за сосема други дела, а не за трговија со артефакти или прикривање. Кузман, според Обвинителството,  како директор на Управата за заштита на културното наследство ја злоупотребил службената положба  на начин што како директор на Управата за заштита на културното наследство им издал согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на наводите за постоење културно–историско наследство. Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата.  Според Кузман, пак,  единствено Управата е надлежна за издавања согласност во вакви случаи.

Со првостепената пресуда на четири лица им беше изречена условна казна.