/ Прочитано:

1.464

СУДЕЊЕ „Фаланга 2“: Зад трговијата со артефакти стојат големи финансиски моќници — тврди првообвинетиот Бојчевски

Четврток, 12 декември 2013 – Главната расправа за судскиот процес „Фаланга 2“ денеска почна одново поради промена на претседателот на судскиот совет. Имено, предметот сега ќе го води судијата Огнен Ставрев бидејќи судијката Вангелина Маркудова беше избрана за уставен судија. Дополнително, на денешното рочиште дојде и до проширување на обвинителниот акт со  ново дело „тешка кражба“ против тројца од обвинетите, како и со уште еден обвинет кој досега не беше дел од постапката. Првообвинетиот Илчо Бојчевски во однос на новото дело истакна дека се работи за конструкција и одмазда против него зошто токму тој добро си ја вршел работата и спречувал диви ископувања. Според него, зад трговијата со артефакти стојат „големи финасиски моќници кои како октопод се инфилтрирани во секоја сфера на општеството“. Поранешниот раководител на Одделението за превенција во Управата за заштита на културното наследство меѓу другото тврди дека уште пред една година ги предупредил надлежните дека Музејот на Македонија не треба да го обезбедуваат приватни агенции.

Најголемиот дел од обвинетите во „Фаланга 2“ се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале. Претпоследен на списокот на 15-мината обвинети е ексдиректорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, но тој се товари за злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството, Кузман незаконски издал Согласност да се вршат ископувања кај местото Драмски Рид во околината на Делчево и кај Велес.

Тек на рочиштето

10:26Поради на промена на претседателот на судскиот совет, новиот судија кој ќе го води предметот, Огнен Ставрев, констатираше дека  главната расправа почнува одново. Судскиот совет го прифати проширувањето на обвинителниот акт со ново дело „тешка кражба“ за обвинетите Илче Бојчевски, Али Касум, Златко Тодоровски. Проширеното обвинение го опфаќа и  Стефан Данев, виш кустос археолог во Народниот музеј во Свети Николе, кој досега не беше дел од „Фаланга 2“, а исто така се товари за „тешка кражба“. 

10:42 – Обвинетиот Илчо Бојчевски, ексраководител на Одделението за превенција во Управата за заштита на културнотоу наследство, остана на исказот да даден претходно со дополнување во однос на новото дело. Бојчевски вината ја префрли на еден клучните сведоци на Обвинителството, Иле Николов, со кој неодамна имаше соочување во судница. 

>> Обвинувања, кавги и навреди — клучниот сведок на Обвинителството се соочи со првите петмина обвинети

„Наведеното дело во допoлнението на обвинението е целосно измислено и претставува конструкција на сведокот Иле Николов. Сите во оваа судница се уверивме во „веродостојноста“ на неговото сведочење на претходниот претрес. За мојот линч не се бираат средства!“, истакна обвинетиот. 

Според Бојчевски, против него на секои три месеци се измислувало ново кривично дело, а во обвинителниот акт се вметнувале реченици кои не се искажани во истражна постапка. Тврди дека имало закани кон  обвинетите кои се бранат од слобода и кон сведоци со цел да се изнесуваат невистини. 

„Дури сведокот Иле Николов се заканува дека со својата моќ може да затвори кого ќе посака, а тоа може да го потврдат и дел од обвинетите. Против мене се користат бројни нечесни методи. Има ли крај на оваа крајно неблагодарна игра“, рече обвинетиот. 

Бојчевски, како и претходно кога ја даваше својата одбрана, и денеска уверуваше дека во својата 28-годишна кариера, како инспектор, никогаш не учествувал во трговија со предмети од македонското културно наследство.  

„Напротив, сум спречил вакви работи, сум сведочел во постапки, а со тоа си создадов непријатели. Можеби од причина што сум спречувал ваков криминал некому му пречам и сум неподобен. Ова го прават големи финансиски моќници, кои како октопод се инфилтрирани во секоја сфера на општеството“, наведе Бојчевски  додавајќи дека со новиот обвинет, Данев, заедно спречувале диви ископувања. 

Тој исто така се осврна и на последните случувања во Музејот на Македонија. Според неговите кажувања, пред една година доставил информација до надлежните органи во кои укажува на последиците кои произлегуваат од ангажирање на приватно обезбедување, кое секоја година се менува, и отпуштањето од работа на чуварите.

„МВР бара криминал каде што нема, а не каде што има“, потенцираше Бојчевски.

Тој меѓу другото се пожали и на притворот каде се наоѓа веќе 8 месеци. 

11:10 – Најголемиот дел од 15-мината обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман,  денеска останаа на претходниот исказ. Кратко дополнување имаа оние обвинети на кои им се стави на товар уште едно дело. Како и Бојчевски и обвинетите Касум и Тодоровски го обвинија сведокот Николов за лажно сведочење. 

11:15 – Бојчевски имаше прашања за обвинетиот Томо Илиевски, кој остана на претходниот исказ. Првообвинетиот го запраша Илиевски дали добивал закани и дали во досегашниот тек на постапката „добил ветување за поблага казна доколку зборува невистини“. Илиевски одговори дека случајно во еден наврат се сретнал со сведокот Николов со кој, како што наведе во својот исказ,  е пријател и кој најдобронамерно му укажал да внимава што ќе зборува на судењето. 

11:20 – Обвинетиот Тони Цветковски во своето дополнување побара претставник од Хелсиншкиот комитет да го посети во истражниот затвор Шутка – „Скопје“. 

11:25 – Последниот обвинет, Стефан Данев, кој е опфатен со новото обвинение и кој досега не беше дел од „Фаланга 2“ го отфрли делото „тешка кражба“, тврди дека е невин. 

„Не се чуствувам виновен. Имам учествувано во судска постапка како сведок против луѓе кои вршеле диви ископувања и се осудени. Јас бев директор на Народниот музеј во Свети Николе, а работев и како раководител на археолошки ископувања. Откако ги фативме луѓето кои вршат диви ископувања, јас имав проблеми“, наведе Данев во својот исказ. 

11:35 – Судскиот процес ќе продолжи на 27 декември во 10 часот за кога се очекува сведокот Иле Николов да сведочи во однос на новото дело кое им се става на товар на тројцата веќе обвинети и новиот обвинет Данев.

(Е. П.)