/ Прочитано:

2.387

„Фер критериуми за правата на возачите од сите возрасти“ – предложени измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Група пратеници од парламентарното мнозинство предлага измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка.

Целта на Предлог на законот се регулирање  и унапредување на состојбите во однос на поголема безбедност на сообраќајот на патиштата, како и воспоставување соодветни и фер критериуми за остварувања на правата на возачите на сите возрасти и од сите категории.

„Со предложениот закон ќе се регулираат и ќе се унапредат состојбите во однос на безбедноста на сообраќајот. Ќе се обезбедат соодветни критериуми за полагање и оспособување на управување со моторни возила и трактори. На повозрасните лица, над 70 години ќе им се издава возачка дозвола со пократок рок на важност, а во однос на стручниот кадар на автошколите, се предвидува само критериум кој е нужен за функционирање на автошколата.“

Предлогот на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата содржи 6 члена.  Во член 1 кој се однесува на член 232, се предвидува стручните раководители како дел од стручниот кадар на автошколите да не треба да поседуваат возачка дозвола за сите категории А, Б, Ц и Д, туку само од категориите за кои автошколата има лиценца за давање обуки.

Со член 2, се појаснува во законското образложение, се менува член 275, во делот во кој се утврдува возрасната граница на лица  кои може да управуваат со трактор така што наместо со 16 години, се предлага лицата од 17 години да може да управуваат со трактори.

Во член 3 се менува член 304, став 1 и во однос на рокот на важење на возачката дозвола, предлагаме да се покачи старосната граница, односно на лицата над 70 години да им се издава возачка дозвола со важност од три години, а не како што досега беше уредено, за лицата постари од 65 години.

Член 4 се однесува на член 325 и е во насока на усогласување со предложената измена на претходниот член 3 така што се предлага на задолжителни контролни здравствени прегледи да подлежат лицата над 70 години.

„Со член 5 се менува член 331, каде што предлагаме зголемување на старосната граница на децата за стекнување со право на оспособување за управување со моторно возило од Б-категорија и наместо со 16, се предлага тоа право да го стекнат со навршување на 17 години возраст. Воедно се брише критериумот за тие деца да имаат одличен успех и примерно поведение, бидејќи тоа не е критериум за полагање на возачки испит и претставува дискриминирачки критериум за тие деца кои сакаат да се оспособат за управување со моторно возило. Со член 6 се уредува влегувањето на законот во сила“, се вели во објаснувањето на предложените законски измени.

М.В