/ Прочитано:

1.045

(ФОТО) ОД ИДЕЈА ДО ТРАДИЦИЈА: Започна меѓународната Конференција за управување со правни ризици

Среда, 21 октомври 2014 –   Денеска во Хотелот Александар Палас во Скопје стартуваше  „Skopje Legal Risk Management Conference 2014“. Главниот град на Македонија денеска повторно е центар на светската и регионалната правна елита. Својствено за конференциите на АКАДЕМИК, низ одлична програма и организација, иновативност и единствен момент на задоволство, едукација и размена на искуства преку креативен амбиент за создавање на нови професионални контакти, на дводневната меѓународна Конференција ќе говорат и ќе ги споделат своите знаења предавачи без чии имиња не може да се замисли светската современа правна мисла, практика и едукација.

Пред повеќе од 300 учесници, меѓу кои високи политички претставници од областа на правдата, домашната, регионалната и светската адвокатура и правосудството, видни членови на домашна и регионална академска заедница, претставници на студентската средина, преставници на бизнис заедницата и менаџментот, публицистиката и почитувачите на правната мисла, со поздравен говор на познатиот македонски адвокат Георги Димитров стартуваше „Skopje Legal Risk Management Conference 2014“.

Во текот на денешниот ден излагања ќе имаат:

  • Лондонскиот адвокат со импресивно искуство во делот на управување со правни ризици  Метју Вајли од Berwin Leighton Paisner ќе зборува за петте столба на управување со правни ризици на системски начин. Почнал да работи во реномираната адвокатска фирма Berwin Leighton Paisner во 2011 година, а претходно бил одговорен за глобалниот ризик, известување и управување со проекти во глобална финансиска институција. Во Berwin Leighton Paisner е задолжен за правните ризици и групата за трансформација, помагајќи им на клиентите да ги идентификуваат и ублажат правните ризици, а известува и за вредностите пред нивните одбори и ги имплементира стратешките програми за транформација. Во Berwin Leighton Paisner работи како раководител за консалтинг за правни ризици.
  • Темата со која Патрик Везина, државен секретар и директор на Секторот за управување со правни ризици во Министерството за правда на Канада ќе им се претстави на учесниците на престојната и реномирана конференција, ќе биде:„Имплементација на стратегијата и методите за управување со правните ризици во државните институции“. Канада е светски лидер во имплементација на стратегијата за управување со правните ризици, која што е целосно имплементирана по долгогодишни подготовки дури во 2013 година. Секторот кој го предводи г-динот Везина е одговорен за развој и координација на националните политики и алатки кои го поддржуваат интегрираното и ефикасно идентификување, оценување, комуницирање, спречување, ублажување и управување со правните ризици во канадската влада, односно во канадските државни институции.
  • Реномираниот и еден од најпознатите адвокати на просторите на поранешна Југославија – адвокатот Тома Фила од Белград на конференцијата ќе зборува за специфичностите на постапките пред специјалните судови или одделенија.Во јавноста станал познат како адвокат на луѓе обвинети за најтешки кривични дела, меѓу кои се и голем број луѓе обвинети за дела за кои следувала најстрога казна; бранел десет такви клиенти, а извршена е само една пресуда. Исто така, бил правен застапник и на многу политичари и други јавни личности од просторите на поранешна Југославија, меѓу кои: Јованка Броз, Слободан Милошевиќ, Жарко Лаушевиќ, еден период го застапувал и Горан Хаџиќ, итн.
  • Оперативниот директор на ОNE Теlekom Slovenia Group, д-р Звонко Кремљак, ќе зборува за донесување одлуки во ризично опкружување, чуј дел докторски труд е цитиран во повеќе од 400 стручни трудови во светот.Звонко Кремљак има богато и разновидно работно искуство, а денес е член на Надзорниот одбор на операторот ONE, Telecom Slovenia Group и оперативен директор. д-р Кремљак е автор и ко-автор на повеќе стручни научно-истражувачки трудови, објавувани во реномирани стручни списанија и зборници.
  • Познатата американска блогерка на престижниот „Legal Solutions Blog“ во сопственост на угледната издавачка куќа „Thomson Reuters“ и авторка на едно од стоте највлијателни правни дела „Creating Conflicts of Interest Procedures for Protecting You and Your Firm from Malpractice“ – Сандра Робертс зборува ексклузивно за прв пат во регионот за управување со правните ризици во делот на конфликт на интереси. Taa е извршен директор и основач на „Sandra Robertst Consulting“ и има повеќе од 30-годишно правно искуство, од кои 20 години работејќи како менаџер за ризик, успешно менаџирајќи го управувањето со ризиците за две големи правни фирми во Северна Калифорнија. Сандра има 7-годишно работно искуство во општинските судови во Калифорнија.
  • Угледниот универзитетскиот професор д-р Димитар Гелев ќе говори за договорите за партнерство во Македонија. Докторска дисертација на тема „Берзи на хартии од вредност – правни аспекти“ одбранил на Правниот факултет во Скопје во 1995 година и се стекнал со звањето „доктор“ од областа на правните науки. Во звањето „доцент“ е избран во 1996 година на предметот „Право на друштвата“. Отогаш држи настава и по предметот „Право на хартии од вредност“. Учествувал во изготвување на значаен број законски проекти и објавил значаен број научни и стручни трудови.
>> Целосната програма проследете ја тука.