/ Прочитано:

4.592

(ФОТО) АДВОКАТСКИ СПОРТСКИ ИГРИ 2017

Изминатиов викенд во Струга се одржаа годинешните Адвокатски спортски игри. На почетокот на спортските игри, адвокатите нагласија дека деновите на спортските игри ќе ги обележи негувањето на спортскиот дух.

Фер играта и солидарноста се начелото кон кое адвокатската заедница мора да се стреми на професионален план.

На спортските игри на кои адвокатите ги демонстрираа своите спортски вештини,  адвокатските екипи од различните апелациски подрачја низ Македонија се натпреваруваа во дисциплините: фудбал, кошарка, шах, пинг-понг, пикадо и други.

Во дисциплината фудбал – мажи победник беше тимот од Охрид и Струга, како претставник од апелациското подрачје Битола. Овој тим беше победник и во дисциплината шах.

Во дисциплината кошарка – жени, победник беше адвокатскиот тим од Скопје. Адвокатките од Скопје, исто така, беа победници и во дисциплините пикадо и пинг-понг – жени.

Тимот од Гостивар беше победник во категоријата пинг-понг – мажи и во категоријата кошарка – мажи, а од овој тим беше прогласен и најкорисниот играч на игрите – Ибраим Бајрами. За најфер играч беше прогласен Димитар Петровски, адвокат од Скопје.

При доделувањето на трофеите  на најдобрите екипи и поединци, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија истакна дека спортските игри ги сплотуваат адвокатите, кои како во професијата така и во спортот мора да бидат солидарни, борбени и фер.

Адвокатите-учесници на игрите, искажувајќи ја благодарноста до стручната служба и раководството на Адвокатската комора за одлично организираниот настан, потенцираа дека поминале убави моменти на дружење, спорт, но и професионална размена на искуства.

„Овие игри се одлична можност да се видиме со колегите, да спортуваме, но и да зборуваме за адвокатурата и воопшто за сите прашања кои ги тангираат нашата професија и правата на граѓаните. Понесуваме убави искуства од Адвокатските спортски игри и од преубавата Струга“, коментираа адвокатите на настанот, подвлекувајќи дека суштината на игрите се заснова врз максимата дека најважно е да се учествува и да се негува спортскиот дух.

 

(M.В)