/ Прочитано:

2.798

(ФОТО) ДОДЕЛУВАЊЕ АДВОКАТСКИ ЛИЦЕНЦИ: Македонската адвокатура засилена со триесетина нови адвокати

Со давање свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придружуваат на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека во сите свои постапки ќе внимаваат на угледот на адвокатурата како јавна служба, 31 адвокат вчера во рамките на свечената церемонија се здобија со лиценци за вршење адвокатска дејност.

Претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски, на новите колеги им порача професијата да ја вршат достоинствено со целосна почит кон спротивната страна. 

„Адвокатот секогаш зборува и настапува со исправен ҆рбет, исправено и гордо… Секогаш се трудам да им кажам на новите колеги дека доминацијата во судница се стекнува со знаење, со стручност и со претходна подготовка – не со декларации, не со фалби“, вели првиот човек на Адвокатската комора.

Најава за воведување испит по етика

Пред почетокот на свечениот дел за новите адвокати беше одржан и час по етика. Додевски за Академик открива дека часовите по етика се всушност преоден период, односно дека е во план воведување испит по етика.

„Последните четири сесии одлучивме да воведеме час по етика или поточно интерактивна дискусија за етиката на адвокатите, што мислам дека недостига како превентивна дискусија, превентивен разговор. Часовите се интерактивни и целта е да им побудат интерес на идните адвокати да ја почувствуваат етиката како тема што е можеби и една од најважните, ако не и најважна, во односот на адвокатите. Сметам дека е многу корисно младите колеги, пред да го направат првиот чекор во адвокатурата, да се запознаат со значењето на адвокатурата и особено со значењето на нивното однесување во адвокатурата. Ова е некаков преоден период пред да се создадат формално-правни услови за воведување испит по етика со одлука на Управниот одбор на Комората. Имаме потреба да воведеме испит по етика пред лиценцирањето на адвокатите. Недозволиво е адвокат да стане адвокат без да ги знае основните етички правила и принципи на адвокатурата и на Адвокатската комора“, појаснува тој.

Додевски додава дека не се работи за испит од класичен тип

„Можеби тоа нема да биде испит од класичен тип – ако не положиш дека нема да станеш адвокат, туку дека ќе може да почекаш некоја сесија. Испитот е одамна предмет на разговор, ова е преоден период со часот по етика и се надевам дека од септември ќе создадеме и формално-правни рамки за воведување на испит по етика“, истакнува претседателот на АКРМ.

 „Уште како дете сонував еден ден да станам адвокат“

Возбудени, насмеани, со ентузијастички жар во очите новопечените адвокати на вчерашната церемонија гордо се фотографираа со тукушто добиените лиценци. Желбата за адвокатура, велат, датирала уште од мали нозе.

„Желбата за адвокатурата датира уште од многу одамна. Ние, мојата фамилија, можам да кажам дека на еден начин сме биле жртви на поранешните судски системи кога судските спорови траеја по 30-40 години – тоа ме донесе до адвокатурата, секогаш сум сакал да учам право бидејќи сакам да ги подобрам работите. Во иднина се гледам како успешен адвокат. Инаку, јас сум од Струга и сакам да работам во тој регион. Имам колеги со кои соработувам и видов предизвик таму, за разлика од некои колеги коишто го гледаат Скопје како алтернатива“, вели Глигорие Ќатоски.

Јагода Милошевска од Скопје, пак, истакнува дека адвокатурата е професија во која најмногу се пронаоѓа.

„Адвокатурата како една од областите на правосудството ја избрав поради тоа што сметам дека најмногу можам да се пронајдам, односно да го работам она што отсекогаш ми било желба: работа со клиенти и примена на правото“, вели таа.

 „Уште како дете сонував еден ден да станам адвокат  и, еве, денеска сум тука“, низ насмевка раскажува Јован Танчев од Кочани.

„Во адвокатурата гледам најмногу перспектива споредено со другите правосудни професии. Себеси се гледам во граѓанската материја, а и магистрирав граѓанско процесно право. Инаку, бидејќи сум од Кочани, желбата ми е таму да ја развивам адвокатската дејност“, потенцира тој.

Според Ивана Јевтиќ од Скопје, адвокатурата е многу предизвикувачка професија.

„Иако сметам дека ние, адвокатите, го немаме статусот што го заслужуваме во општеството, според мене, адвокатурата е една од правосудните професии каде што има најмногу предизвик. Интелектуалната сопственост ми е најинтересна материја засега и се надевам дека ќе има поголем развој на таа материја бидејќи би сакала тоа да го работам примарно. Од другиот дел на правото ме интересираат: граѓанската материја, работните односи, трговското право итн.“, вели таа.

 Во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија моментално се запишани 2.411 адвокати.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 23.06.2015


ФОТОГАЛЕРИЈА / НАКЕ БАТЕВ